ИЕА: Нафтениот пазар останува во дефицит, дизелот под притисок и во 2027 година

Светската побарувачка за нафта годинава ќе се намали за 2,6 милиони барели дневно, додека нарушувањата во снабдувањето од Блискиот Исток и Русија продолжуваат да го затегнуваат пазарот, особено кај дизелот. Иако дел од производството и извозот од земјите во Персискиот Залив почнаа да се обновуваат во септември, новите напади врз енергетската инфраструктура и танкерскиот сообраќај ја доведуваат во прашање одржливоста на закрепнувањето, предупредува Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) во октомврискиот извештај за нафтениот пазар.

Агенцијата очекува светската побарувачка да се намали за 2,5 милиони барели дневно во последниот квартал од 2026 година. Високите цени на горивата, ограничената достапност на нафтените производи и влошените економски изгледи го притискаат трошењето, при што дизелот ќе учествува со околу една четвртина во годишниот пад на потрошувачката.

За 2027 година се предвидува делумно закрепнување, со раст на побарувачката од два милиона барели дневно. Сепак, светската потрошувачка и натаму ќе биде за 620.000 барели дневно, односно 0,6 отсто, под нивото од 2025 година.

РЕКЛАМА

Истовремено, светското производство на нафта во септември се зголемило за 2,5 милиони барели дневно во однос на претходниот месец, достигнувајќи 102,3 милиони барели дневно. Растот главно доаѓа од земјите во Персискиот Залив, при што производството на земјите од ОПЕК+ се зголемило за 2,1 милион барели дневно, предводено од Саудиска Арабија. Обединетите Арапски Емирати биле главниот двигател на растот кај производителите надвор од ОПЕК+.

Сепак, за целата година ИЕА очекува просечното светско производство да се намали за 5,8 милиони барели дневно, на 100,7 милиони барели дневно. Во 2027 година се предвидува пресврт и раст на понудата од 7,7 милиони барели дневно, но агенцијата предупредува дека обновените напади во регионот на Заливот го прават закрепнувањето неизвесно.

Брент над 100 долари, физичката нафта поскапува уште повеќе

Цените на нафтата повторно се зголемија по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во снабдувањето. Цената на фјучерсите на Брент пораснала за 13% од почетокот на септември, достигнувајќи околу 107 долари за барел.

Уште посилен раст е забележан кај физичката нафта. Референтната цена на северноморската нафта Брент, позната како „Датед Брент“, во септември се зголемила за 26,17 долари, на 116,89 долари за барел. Во моментот на објавување на извештајот се движела околу 134 долари, додека цените на некои други северноморски видови нафта достигнале и 160 долари за барел.

На растот влијаеле обновените непријателства на Блискиот Исток, забрзаните набавки на азиските рафинерии, како и нападот од 11 септември врз нафтоводот Исток–Запад во Саудиска Арабија. Дополнителен притисок создаваат рекордно високите цени за транспорт со танкери, кои ги зголемуваат трошоците за испорака на суровата нафта.

Извозот на сурова нафта од земјите во Персискиот Залив во септември се зголемил за 4,4 милиони барели дневно, на 13,9 милиони барели дневно, достигнувајќи повеќе од 75 отсто од нивото пред војната. Вкупниот проток на нафта низ Ормускиот Теснец се зголемил за 3,7 милиони барели дневно, на 10,9 милиони барели дневно, додека обновувањето на протокот низ нафтоводите што го заобиколуваат теснецот придонело извозот по алтернативни правци да порасне за 970.000 барели дневно, на 5,6 милиони барели дневно.

Но, закрепнувањето на извозот на сурова нафта не се пренесува со иста брзина врз снабдувањето со готови горива. Испораките на рафинирани производи од Блискиот Исток во септември пораснале за само 210.000 барели дневно, на 1,9 милиони барели дневно, додека извозот на течен нафтен гас се зголемил за 90.000 барели дневно, на 670.000 барели дневно. Тоа е значително под предвоените нивоа од 4,7 милиони, односно 1,5 милиони барели дневно.

Дизелот останува најранлива точка на пазарот

Снабдувањето со дизел и гасојл останува под силен притисок, бидејќи нарушувањата во извозот од Блискиот Исток и Русија се совпаѓаат со сезонскиот раст на побарувачката пред зимата.

Глобалната достапност на дизел и гасојл во вториот квартал била за 1,5 милиони барели дневно помала отколку една година претходно, а во третиот квартал недостигот достигнал 1,7 милиони барели дневно. Во септември светскиот извоз на овие горива бил за 700.000 барели дневно под нивото од истиот месец лани.

Комбинираниот нето-извоз на дизел и гасојл од Блискиот Исток и Русија во септември се намалил за 1,3 милиони барели дневно, на само 820.000 барели дневно, што е пад од повеќе од 60 отсто на годишно ниво. Зголемениот извоз од САД и Кина делумно ги ублажил загубите, но не бил доволен за да ги надомести.

Цените на дизелот на големо во Сингапур во средината на септември надминале 200 долари за барел, додека во Европа и САД достигнале рекордни околу 220 долари за барел. Иако оттогаш се намалиле, референтните цени остануваат речиси двојно повисоки од цената на суровата нафта и од нивото пред кризата.

Високите цени веќе се одразуваат врз економијата преку поскапување на стоките, намалување на реалните приходи и засилување на инфлациските притисоци. ИЕА оценува дека побарувачката за дизел е релативно отпорна на ценовните промени, бидејќи горивото е тесно поврзано со транспортот и економската активност. Сепак, влошените економски изгледи и високите цени почнуваат да ја ограничуваат потрошувачката.

Во вториот квартал побарувачката за дизел на глобално ниво се намалила за 1,1 милион барели дневно на годишно ниво, на 28,5 милиони барели дневно. Во третиот квартал падот изнесувал 750.000 барели дневно, на 28,7 милиони барели дневно. За последниот квартал се очекува побарувачката за гасојл да се намали за еден милион барели дневно на годишно ниво.

Проблемот е што залихите се намалуваат токму пред периодот на најголема зимска побарувачка за горива за греење. Залихите на гасојл во земјите од ОЕЦД во јули изнесувале 565 милиони барели, пет отсто под нивото пред конфликтот и најниско ниво од ноември 2023 година.

ИЕА очекува зголеменото производство во рафинериите да го врати пазарот на гасојл и дизел во вишок во првиот квартал од 2027 година. Сепак, тоа нема да биде доволно за да се надомести недостигот акумулиран во текот на 2026 година. Затоа, затегнатото снабдување може да продолжи и во поголемиот дел од 2027 година, особено ако не дојде до целосно обновување на испораките од Блискиот Исток.

Резервите се за 509 милиони барели под предвоеното ниво

И покрај послабата побарувачка, нафтениот пазар и натаму е во дефицит. Глобалните забележани залихи во септември се намалиле за дополнителни 10 милиони барели, бидејќи падот на залихите на копно не бил целосно надоместен со зголемувањето на нафтата што се наоѓа на танкери.

Залихите на копно се намалиле за 113 милиони барели, додека количините на нафта во транспорт се зголемиле за 103 милиони барели поради растот на извозот од Заливот. Залихите на сурова нафта надвор од земјите на ОЕЦД се намалиле за 76 милиони барели, при што Кина учествувала со 78 отсто во падот. Залихите во земјите на ОЕЦД се намалиле за 37 милиони барели.

До крајот на септември, глобалните залихи биле за 509 милиони барели под нивото на крајот на февруари, пред почетокот на конфликтот. Залихите на копно се движат околу најниските нивоа од најмалку 2016 година.

Според ИЕА, ако конфликтите на Блискиот Исток продолжат и не се обнови стабилното снабдување, преостанатите резерви во системот дополнително ќе се намалуваат. Тоа би можело да предизвика нови потреси на пазарот во наредните месеци, пред евентуалното појавување на вишок нафта во 2027 година.

Нафтената преработка, во меѓувреме, се соочува со спротивставени движења. Глобалниот обем на работа на рафинериите во октомври се очекува сезонски да се намали на 81,3 милиони барели дневно, а потоа да се зголеми на 84,6 милиони барели дневно до крајот на годината. За целата 2026 година се предвидува просечна преработка од 81,7 милиони барели дневно, што е намалување за 2,3 милиони барели дневно во однос на претходната година. Во 2027 година се очекува раст од 2,8 милиони барели дневно.

Рекордните трошоци за транспорт и сурова нафта ги намалиле рафинериските маржи во Европа и Азија, додека поевтините суровини им овозможиле на американските рафинерии да остварат повисоки маржи. ИЕА предупредува дека дополнително влошување на профитабилноста може да ги натера рафинериите со повисоки трошоци во Азија и Европа да го намалат производството, што би го зголемило притисокот врз снабдувањето пред крајот на годината.

На 2 октомври лидерите на Групата седум најразвиени економии се обврзаа да го забрзаат пласирањето на договорените количества нафта од координираната акција на ИЕА од 11 март, со приоритет на брзо ослободување на залихите на дизел во наредните недели.

ИЕА оценува дека закрепнувањето на нафтениот пазар останува кревко. Иако повисокото производство во 2027 година би требало да донесе поголема понуда, недостигот на дизел и гасојл може да потрае, а продолжените нарушувања би можеле да наметнат дополнително ограничување на потрошувачката и високи економски трошоци

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил