TotalEnergies во хаосот на енергетскиот пазар гледа и деловни можности

Главниот извршен директор на TotalEnergies, Патрик Пујане, смета дека турбуленциите на глобалните енергетски пазари отвораат нови деловни можности за компаниите што имаат доволно средства и инфраструктура да ги искористат промените.

„Нарушувањето во енергетскиот свет ни дава многу можности, доколку можете да ги искористите“, изјави Пујане на Energy Intelligence Forum во Лондон, пренесува „Фајненшл тајмс“.

„Повеќе го претпочитам светот на нарушувањата отколку мирниот свет. Има повеќе можности, но треба да ги имате средствата.“

РЕКЛАМА

TotalEnergies е меѓу големите нафтени компании што се најдиректно изложени на последиците од конфликтот на Блискиот Исток. Околу 15% од нејзиното глобално производство на нафта и гас е поврзано со регионот.

Сепак, како и другите големи енергетски компании, TotalEnergies годинава бележи високи профити. Во првата половина од годината добивката се зголемила за 47%, на 11,4 милијарди долари. Компанијата неодамна најави и зголемување на средствата за откуп на сопствени акции на 2,5 милијарди долари во последниот квартал од годинава.

Пујане како една од главните предности го издвојува интегрираниот модел на TotalEnergies, кој ги опфаќа производството, преработката и трговијата со нафта и гас. Таквата структура, според него, ѝ овозможува на компанијата полесно да ги пренасочува ефектите од кризата низ различните делови од бизнисот.

„Многу добро ни оди затоа што сме интегрирани. Интеграцијата значи дека вашите рафинерии во Европа, за кои мислевте дека се товар, одеднаш стануваат златни рудници“, рече тој.

Наместо прекин на испораките на ЛНГ – задржување на клиентите

Пујане откри и дека TotalEnergies размислувала како да реагира на нарушувањата на пазарот на ЛНГ. Наместо компанијата да прогласи виша сила и да ги прекине испораките кон дел од клиентите, тој рекол дека било одлучено да се преземе ударот врз обемот на испораките.

Според него, компанијата пресметала дека може да поднесе намалување на обемот на гас за околу 10% и истовремено да им покаже на клиентите дека може да остане сигурен снабдувач и во услови на глобална енергетска криза.

Ова, според Пујане, создава дополнителна вредност за компанијата во момент кога сигурноста на снабдувањето повторно станува еден од клучните фактори на енергетските пазари.

TotalEnergies минатата недела ги претстави плановите за зголемување на производството на околу 3 милиони барели нафтен еквивалент дневно до 2030 година.

Пујане оцени дека инвеститорите повторно им даваат поголемо значење на резервите и производствениот капацитет на големите енергетски компании.

„Големината е важна, премијата ја добива најголемата компанија. Не можеме само да останеме таму каде што сме денес. Ајде да бидеме лидер на овој пазар“, рече тој.

Според него, односот на инвеститорите кон резервите на нафта и гас значително се променил во последните неколку години. Додека во периодот од 2020 до 2022 година компаниите биле воздржани во откривањето на обемот на своите резерви, денес тие повторно стануваат важен показател за инвеститорите.

Изјавите на Пујане доаѓаат во момент кога конфликтот на Блискиот Исток предизвикува сериозни нарушувања на глобалното снабдување со енергија, но истовремено ја зголемува вредноста на компаниите што располагаат со сопствено производство, рафинерии, трговски операции и инфраструктура за снабдување.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил