Европа и Азија во трка за ЛНГ, цените може дополнително да растат

Европа ја пречекува зимата со најниски залихи на гас во последните 15 години, додека азиските купувачи се подготвени да платат повеќе за да обезбедат испораки

Европа и Азија се соочуваат со засилена конкуренција за испораките на течен природен гас (ЛНГ), што во наредните месеци може дополнително да ги зголеми цените на глобалниот пазар, објави „Фајненшл тајмс“.

Европската Унија влегува во зимската сезона со најниско ниво на залихи на природен гас во последните 15 години, додека дел од азиските земји, кои во претходната гасна криза беа принудени да се повлечат од пазарот поради високите цени, сега се подготвени да платат повеќе за да избегнат недостиг.

Цените на ЛНГ веќе се повеќе од двојно повисоки во однос на периодот пред почетокот на војната меѓу САД и Иран. Азискиот референтен индекс Platts JKM во средината на септември достигна речиси 30 долари за милион британски термални единици (MMBtu), а во петокот се тргуваше по 25,29 долари. Цената на испораките за Европа изнесуваше 24,62 долари за MMBtu, според Spark Commodities.

РЕКЛАМА

Иако цените сè уште се далеку под рекордните нивоа од 2022 година, аналитичарите предупредуваат дека конкуренцијата за достапните количества може да се засили доколку азиските купувачи продолжат да прифаќаат повисоки цени.

Извршниот директор на јапонската Inpex, Такајуки Уеда, за „Фајненшл тајмс“ оцени дека подготвеноста на купувачите во Азија да плаќаат повеќе претставува „фундаментална промена на пазарот на гас“.

– Индија и Пакистан се чини дека сега се многу попривикнати на ценовната нестабилност. Тие и понатаму имаат голем интерес за купување, изјави Уеда.

Аналитичарот на Morgan Stanley, Мартин Ратс, посочи дека Пакистан и Бангладеш неодамна купувале повеќе пратки ЛНГ по цени од околу 25 долари за MMBtu. Според него, на такви нивоа овие земји во 2022 година веќе би се повлекле од пазарот, што сега значи дека европските купувачи би можеле да мораат да плаќаат уште повеќе.

Можностите за азиските земји дополнително да ја намалат потрошувачката на гас се ограничени. Дел од земјите веќе ја намалија употребата на гас по почетокот на војната, а во некои случаи тоа доведе и до ротирачки прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Јужна Кореја и Јапонија, меѓу другите земји, ја зголемија употребата на јаглен, но енергетските компании предупредуваат дека можностите за дополнително префрлање кон други горива се ограничени.

– Нивната способност да го надоместат ограниченото снабдување со ЛНГ е реална, но не е неограничена, изјави Лиз Весткот, извршна директорка на австралиската Woodside Energy.

И Европа има малку простор за дополнително намалување на потрошувачката. Мерките за намалување на употребата на гас воведени во 2022 година во голем дел сè уште се во сила, па за ново значително намалување на побарувачката би било потребно дополнително зголемување на цените, оценуваат аналитичарите на Goldman Sachs.

– Конкуренцијата меѓу Азија и Европа за ЛНГ е неизбежна, вели Андерс Порсборг–Смит, партнер во Boston Consulting Group.

Во моментов азиските спот-цени не се доволно високи за да ги привлечат пратките што инаку би биле наменети за Европа. Тоа може да се промени доколку Кина повторно ги зголеми набавките или доколку паднат транспортните трошоци и стане поисплатливо американскиот ЛНГ да се испраќа во Азија.

Goldman Sachs проценува дека индустриските купувачи во Индија не можат да надминат цена од околу 30 долари за MMBtu. Доколку продолжат воените напади во регионот на Заливот и не се нормализира транспортот низ Ормускиот теснец, аналитичарите на банката очекуваат цената на ЛНГ во текот на зимата да достигне 35 долари за MMBtu.

Поради ризикот од нестабилни спот-цени, дел од азиските земји повторно се насочуваат кон долгорочни договори за снабдување. Цените на долгорочните договори се релативно стабилни, меѓу другото поради очекуваниот раст на производството на ЛНГ, главно во САД, во следните три до четири години.

– Тие сакаат долгорочни договори бидејќи не сакаат да бидат изложени на спот-цените, кои ги сметаат за многу нестабилни, изјави Гвидо Бруско, оперативен директор за глобални природни ресурси во италијанската Eni.

И американските производители се обидуваат да обезбедат долгорочни купувачи за очекуваните нови количества. На конференцијата Gastech во Бангкок, американски компании преговарале и со купувачи со кои претходно не биле заинтересирани да склучуваат договори.

Европските купувачи, сепак, се соочуваат со дополнителна дилема поради новите правила на ЕУ за метанот. Дел од нив се воздржуваат од долгорочни договори поради обврските за мерење и известување за емисиите на метан поврзани со увезените енергенси.

Во меѓувреме, европските и азиските влади се надеваат на поблага зима.

– Ако сезоната биде топла, ќе бидеме во ред. Ако биде нормална, ќе имаме сериозен недостиг на гас, а ако биде студена, ќе ги видиме истите цени како во 2022 година, изјави Порсборг–Смит.

Развојот на пазарот во наредните месеци ќе зависи од повеќе фактори – температурите во зимската сезона, движењето на пратките низ Ормушкиот теснец, набавките на Кина и другите азиски купувачи, како и достапноста на новите количества ЛНГ од САД.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил