McKinsey & Co: Глобалниот енергетски систем го издржа најголемиот шок, но заштитните механизми слабеат

Глобалниот енергетски систем досега покажа значително поголема отпорност од очекуваното на кризата во Ормускиот Теснец, но резервите се намалуваат, рафинерискиот систем е под сè поголем притисок, а алтернативните транспортни рути не можат трајно да ја заменат една од најважните енергетски артерии во светот, оценува McKinsey Global Institute во најновиот извештај „Aftershocks: Energy security beyond the Strait of Hormuz crisis“.

Според анализата на McKinsey, актуелното нарушување во Ормускиот Теснец претставува најголемото нарушување во снабдувањето со енергија во поновата историја. Преку теснецот во нормални услови минуваат околу 20% од светската нафта и приближно ист удел од глобалната трговија со течен природен гас – ЛНГ. На врвот на кризата биле погодени околу 14% од вкупното светско снабдување со нафта и гас, повеќе од двојно поголем релативен шок од нафтените кризи во 1970-тите.

И покрај тоа, глобалната економија досега успеа да избегне сценарио слично на енергетските кризи од пред половина век. Цената на Брент привремено надмина 120 долари за барел, економскиот раст забави, но остана позитивен на глобално ниво. Според McKinsey, причината е што денешната светска економија е помалку енергетски интензивна, додека во изминатите децении се изградени механизми кои можат да апсорбираат дел од ударот, стратешки резерви, алтернативни нафтоводи и многу поразновидна глобална трговска мрежа.

РЕКЛАМА

Резервите и нафтоводите го ублажија првиот удар

Пред кризата, низ Ормускиот Теснец минувале повеќе од 21 милион барели нафта дневно. По нарушувањето, дел од снабдувањето продолжило да минува низ теснецот, додека дополнителни количини биле пренасочени преку нафтоводите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

McKinsey проценува дека пренасочувањето преку нафтоводи и дополнителното производство покриле околу 35% од настанатиот недостиг. Уште околу 20% биле покриени со повлекување на нафта од резервите, а остатокот главно преку намалена потрошувачка.

Само земјите членки на Меѓународната агенција за енергетика и други големи економии пуштиле на пазарот околу 3,5 милиони барели дневно од своите резерви. Најголем дел од координираната интервенција дошол од американските Стратешки нафтени резерви.

Но, оваа заштита има ограничен рок.

До крајот на август од глобалните резерви биле повлечени околу половина милијарда барели нафта, количина еквивалентна на приближно пет дена светска потрошувачка. Американската стратешка резерва, која пред 2022 година изнесувала околу 600 милиони барели, до крајот на 2025 година паднала на околу 400 милиони, а до крајот на август 2026 година се намалила на помалку од 300 милиони барели.

Истовремено, McKinsey предупредува дека сè поголемиот проблем не е само достапноста на сурова нафта, туку и капацитетот таа да се преработи. Рафинериите во Персискиот Залив го намалиле производството за повеќе од една четвртина, додека дел од рускиот рафинериски капацитет исто така бил надвор од функција. Тоа создава посебен притисок врз снабдувањето со дизел, авионско гориво и други деривати.

Светската трговија со нафта се пренасочи со невидена брзина

Кризата предизвика и големо преструктуирање на глобалните текови на нафта. Повеќе од секој петти барел нафта што се транспортирал по море во вториот квартал од 2026 година се движел по различна трговска рута во споредба со периодот пред кризата.

Кина одигра една од клучните улоги во апсорбирањето на шокот, намалувајќи ги увозот и потрошувачката на нафта. Нејзиниот морски увоз на сурова нафта и нафтени деривати се намалил за повеќе од 40%, со што дел од товарите станале достапни за други азиски купувачи.

САД, од друга страна, благодарение на ослободувањето резерви и зголеменото домашно производство, ги зголемиле извозните количини за околу 2,2 милиони барели дневно во однос на последниот квартал од 2025 година.

Цената на отпорноста ја плаќаат најранливите економии

Иако системот како целина се покажа стабилен, последиците не се распределени еднакво.

Потрошувачката на нафта глобално се намалила за повеќе од 5% меѓу последниот квартал од 2025 и вториот квартал од 2026 година. Во Европа, Северна и Латинска Америка падот бил релативно ограничен, но дел од азиските економии биле принудени значително да ја намалат побарувачката.

Во земјите во развој последиците биле уште подиректни – преку недостиг и рационализација на горивата. Во Индија бил ограничен комерцијалниот пристап до течен нафтен гас за да се заштити снабдувањето на домаќинствата, додека на Филипините јавните институции преминале на четиридневна работна недела како мерка за заштеда на гориво.

До 70% од ризикот од Ормутскиот Теснец би можел да се амортизира до 2030 година

Кризата веќе ги принудува владите и компаниите повторно да ги разгледуваат своите стратегии за енергетска безбедност.

McKinsey идентификува седум главни механизми: електрификација, чиста енергија, користење јаглен како резервна опција, развој на алтернативни извори на нафта и гас, нови трговски рути и инфраструктура, зголемување на резервите и подобро управување со побарувачката.

Според анализата, мерките кои веќе се реализираат или се разгледуваат би можеле до 2030 година да создадат капацитет за компензација на околу 35% до 70% од количините на нафта кои пред кризата минувале низ Ормутскиот Теснец во случај на ново големо нарушување.

Најголем потенцијал имаат алтернативните нафтоводи. Во забрзано сценарио, нивниот капацитет би можел да достигне околу 13 милиони барели дневно.

Сепак, McKinsey нагласува дека ова не е прогноза, туку проценка на потенцијалот доколку најавените проекти навистина бидат реализирани. Дел од нив се сè уште во рана фаза, а изградбата бара значителен капитал и време.

Енергетската безбедност нема евтино и едноставно решение

Една од главните пораки на извештајот е дека поголемата енергетска независност има цена.

Производството на нафта во Персискиот Залив останува меѓу најевтините во светот. Новите извори надвор од регионот можат да чинат 40 до 60 долари за барел, додека производството на течни горива од јаглен може да достигне 75 до 185 долари за барел. За споредба, голем дел од производството во Заливот е под 30 долари за барел.

Нафтоводите се поевтина опција, со трошок кој во одредени услови може да биде под 10 долари за барел, но бараат големи почетни капитални инвестиции и самите можат да станат изложени на геополитички или безбедносни ризици.

Истовремено, забрзаната електрификација и чистата енергија можат да намалат дел од зависноста од увоз на фосилни горива. McKinsey проценува дека со денес достапните нискоемисиони технологии теоретски би можеле да се заменат количества еквивалентни на околу 26% до 31% од сегашната глобална потрошувачка на нафта и гас.

Но, потенцијалот е значително поголем кај патниот транспорт, греењето и производството на електрична енергија отколку кај авијацијата, поморскиот транспорт, тешката индустрија и петрохемиските суровини, каде алтернативните технологии сè уште се скапи или недоволно развиени.

Две третини од светската трговија со енергија минува низ поморски тесни грла

Извештајот предупредува дека Ормутскиот Теснец е само еден дел од поширокиот ризик.

Околу две третини од глобалната трговија со енергија минуваат низ некое поморско „тесно грло“, додека една третина од енергетската трговија се одвива меѓу геополитички пооддалечени партнери. Дури 95% од светската популација живее во регион кој е нето-увозник на најмалку еден од главните енергенси.

Ормускиот Теснец, Малака, Суецкиот Канал, Баб ел-Мандеб, Панамскиот Канал и други стратешки точки затоа остануваат критични за функционирањето на глобалниот енергетски систем.

Според McKinsey, решението не е целосно елиминирање на енергетската зависност, што во глобализираната економија практично не е возможно, туку подобро управување со неа.

За компаниите тоа значи да ја анализираат изложеноста не само кон цените на енергијата, туку и кон конкретни горива, добавувачи, транспортни рути и критична инфраструктура. Поголемата енергетска ефикасност, повеќе извори на снабдување, алтернативни логистички решенија и поголема флексибилност можат да бидат истовремено заштита од кризи и деловна предност.

Заклучокот на McKinsey е дека светот нема „лесен излез“ од постојните енергетски зависности. Но има значителен простор за маневрирање. Кризата во Ормутскиот Теснец покажа дека механизмите изградени по претходните енергетски шокови функционираат – но и дека нивниот капацитет не е неограничен. Следната фаза на енергетската безбедност затоа ќе зависи од комбинација на резерви, нова инфраструктура, диверзифицирани извори, електрификација, чиста енергија и поголема флексибилност во снабдувањето.

Извор: McKinsey.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил