Рибера: европските дата центри треба сами да обезбедат чиста енергија

Брзото зголемување на потрошувачката на електрична енергија од центрите за податоци може да предизвика жестока конкуренција за енергија и дополнително да ги зголеми сметките за електрична енергија

Европската унија треба да ги обврзе технолошките компании да инвестираат во сопствени извори на чиста енергија за напојување на центрите за податоци, бидејќи забрзаниот развој на вештачката интелигенција создава нов и сè поголем притисок врз електроенергетските мрежи, оцени потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера.

Рибера, која е задолжена за зелената транзиција и конкуренцијата, во интервју за „Политико“ предупреди дека брзото зголемување на потрошувачката на електрична енергија од центрите за податоци може да предизвика жестока конкуренција за енергија и дополнително да ги зголеми сметките за електрична енергија.

„Ова е шок и се случува со многу голема брзина“, рече Рибера.

РЕКЛАМА

Таа посочи дека во 2022 година, кога ЕУ ги поставувала плановите за целосна електрификација и декарбонизација на економијата, не било предвидено толку големо дополнително зголемување на побарувачката за електрична енергија.

„Без оглед на тоа колку брзо се движиме со планирањето на мрежите и новите капацитети за чиста енергија, побарувачката расте со многу голема брзина. Тоа создава тензии“, рече таа.

Според Рибера, владите имаат три можности: да не преземат ништо и да дозволат зголемената побарувачка да доведе до повисоки цени и поголеми економски и општествени тензии, да воведат мораториум за изградба на нови центри за податоци или да побараат од операторите самите да обезбедат дополнителна енергија.

Таа смета дека големите технолошки компании имаат финансиски капацитет за третото решение.

„Компаниите зад овој бизнис концентрираат пазарна моќ и капацитет во размери какви што досега не сме виделе. Затоа, тие можат да бидат обврзани да инвестираат во она што им е потребно и со тоа да спречат дополнителни конфликти со локалните заедници“, рече Рибера.

На директното прашање дали ЕУ треба да ги обврзе технолошките гиганти да плаќаат за сопствено снабдување со чиста електрична енергија, таа одговори: „Мислам дека треба да го направиме тоа.“

Шпанија предлага 80% чиста енергија

Европската комисија во моментов работи на нови стандарди за енергетска ефикасност на центрите за податоци. Во исто време, земјите членки бараат начини како да го контролираат брзиот раст на потрошувачката на електрична енергија поврзан со вештачката интелигенција.

Рибера го посочи примерот на Шпанија, чија влада во август претстави нацрт-уредба според која центрите за податоци би требало 80% од електричната енергија да ја обезбедуваат од новоизградени ветерни и соларни капацитети.

Тоа би можело да се реализира преку сопствено производство или преку договори за долгорочно снабдување со електрична енергија од обновливи извори – таканаречени PPA-договори.

Но, Рибера предупредува дека и овој модел носи ризици. Големите центри за податоци имаат финансиска моќ да плаќаат повеќе за електричната енергија отколку традиционалните енергетски интензивни индустрии, што може да создаде нови нарушувања на пазарот.

„Ако овие центри за податоци потпишуваат PPA-договори со производителите на електрична енергија, тоа е нивната главна суровина и тие можат да платат повисоки цени од нашата основна електроинтензивна индустрија“, предупреди таа.

Проблемот е и во времето потребно за изградба на нови производствени капацитети. Ако побарувачката од центрите за податоци расте побрзо од новото производство, може да се создаде дополнителен притисок врз постојните извори на електрична енергија, вклучително и ризик од забавување на затворањето на јагленовите капацитети.

Тоа, според Рибера, би можело да влијае и врз конкурентноста на европската индустрија.

Европа мора да реагира за месеци, а не за години

Европските власти сè повеќе се соочуваат со дилемата како да го поддржат развојот на вештачката интелигенција без тој да создаде нов енергетски товар за европската економија.

Центрите за податоци стануваат едни од најбрзорастечките потрошувачи на електрична енергија, додека истовремено бараат пристап до мрежата и сигурно снабдување 24 часа дневно.

Дел од индустријата предупредува дека престрогите климатски услови би можеле да го забават развојот на европската инфраструктура за вештачка интелигенција и да ја зголемат зависноста од технологија од Кина.

Рибера, сепак, смета дека регулаторите немаат многу време за носење одлуки.

„Зборуваме за месеци. Не зборуваме за децении, а веројатно ниту за години“, порача таа.

За Брисел, затоа, прашањето повеќе не е само колку брзо Европа може да изгради центри за податоци за потребите на вештачката интелигенција, туку кој ќе ја плати и кој ќе ја произведе дополнителната електрична енергија што тие центри ќе ја бараат.

Извор: Politico.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил