Батериите на електричните автомобили во просек задржуваат околу 90% од првичниот употреблив капацитет и по 150.000 километри, што укажува дека нивното долгорочно стареење можеби е помал проблем отколку што стравуваат купувачите на електрични возила.
Ова го покажува ново истражување на австриската компанија Aviloo, која се занимава со процена на состојбата на батериите. Анализата опфати повеќе од 500.000 тестирања, спроведени во периодот од 2022 до 2026 година, на 20 популарни модели електрични автомобили, меѓу кои Tesla Model Y и Volkswagen ID.4.
Податоците покажуваат дека по изминати 150.000 километри, медијаната на состојбата на батеријата кај анализираните модели се движела меѓу 87% и 94% од оригиналниот употреблив капацитет.
По 50.000 километри, состојбата била меѓу 91% и 97%, а по 100.000 километри меѓу 88% и 95%.
Долготрајноста на батеријата е еден од клучните фактори што влијаат врз одлуката на потрошувачите дали да купат електричен автомобил, особено на пазарот на половни возила.
Производителите најчесто даваат гаранција за батеријата од осум години или околу 160.000 километри, при што гарантираат дека капацитетот нема да падне под 70% од почетниот.

Начинот на користење влијае врз траењето
Истражувањето покажало дека стареењето на батериите може значително да се разликува и кај автомобили од ист модел. Врз деградацијата влијаат климатските услови, големината на батеријата и навиките на возачите.
Особено важна е температурата. Батериите кај електричните автомобили што се користат во потопли климатски услови се деградираат побрзо.
Влијание има и начинот на кој возачите ги оставаат автомобилите паркирани. Според Aviloo, долготрајното оставање на возилото со високо ниво на наполнетост може да придонесе за побрзо стареење на батеријата.
Како оптимално ниво за паркирање се посочува наполнетост меѓу 30% и 70%.
Разликите меѓу автомобилите можат да бидат значителни. Кај Nissan Leaf ZE1, на пример, разликата во состојбата на батериите по 150.000 километри достигнувала 13,5 процентни поени, што според истражувањето одговара на околу 29 километри разлика во реалниот досег со едно полнење.
Кај Tesla Model Y разликата меѓу поединечни возила достигнувала 11 процентни поени, додека кај Volkswagen ID.4 била 11 до 12 процентни поени, а кај Hyundai Ioniq 5 над 12 процентни поени.
Истражувањето не ги опфатило кинеските електрични модели поради недостаток на доволно податоци.
Здравјето на батеријата станува важно за пазарот на половни ЕВ
Резултатите доаѓаат во период кога расте интересот за електричните автомобили на пазарот на половни возила, но купувачите сè уште тешко можат да проценат во каква состојба се наоѓа батеријата.
За разлика од автомобилите со мотори со внатрешно согорување, каде возраста, километражата и општата техничка состојба се главните показатели за вредноста, кај електричните автомобили значаен фактор е и начинот на кој батеријата била користена.
Поради тоа, три од најголемите организации во Велика Британија кои го претставуваат секторот на електрични возила побараа воведување задолжителен сертификат за состојбата на батеријата.
Таквиот стандард би им овозможил на купувачите на половни електрични автомобили полесно да ја проценат преостанатата вредност и досегот на возилото, а сопствениците кои правилно ја одржувале батеријата би можеле да бидат наградени со повисока пазарна вредност.
Новите податоци, во секој случај, испраќаат позитивен сигнал за купувачите: деградацијата на батериите не изгледа толку брза како што се стравуваше, иако начинот на користење и климатските услови можат значително да влијаат врз нејзината долговечност.
Извор: FInancial Times
