Профитот од преработката на нафта во европските рафинерии нагло расте, откако нарушувањата во глобалното снабдување со горива ги турнаа маржите на бензинот до ниво блиску до историскиот рекорд.
Маржата за европскиот бензин во средата надмина 62 долари за барел, покажуваат пазарните податоци анализирани од агенцијата Reuters. Бензинот „Eurobob E5“ се тргуваше со премија од околу 62,07 долари за барел во однос на цената на „Брент“, што е значителен скок од 55,62 долари за барел еден ден претходно.
Тоа е само малку под досегашниот рекорд од 62,10 долари за барел, достигнат во јуни 2022 година, кога пазарите на нафта и горива беа силно погодени од последиците од почетокот на војната во Украина.
Причина за сегашниот раст се новите нарушувања во снабдувањето. Нападите врз рафинерии на Блискиот Исток и во Русија дополнително го намалија глобалниот капацитет за преработка на нафта, кој и без тоа е под притисок.
„Растот на нападите врз рафинериите на Блискиот Исток и во Русија дополнително го ограничи веќе затегнатиот глобален рафинериски капацитет, туркајќи ги маржите на рафинираните производи кон нови високи нивоа“, оценија аналитичарите на „Goldman Sachs“.
Дополнителен проблем за Европа се ниските залихи на бензин во Амстердам-Ротердам-Антверпен (ARA), главниот европски центар за складирање и трговија со горива.
Залихите минатата недела паднаа на 752.000 тони, што е најниско ниво од септември 2021 година. Ситуацијата ја отежнуваат и ниските водостои на Рајна, поради што транспортот на горива со баржи е ограничен.
Европа произведува повеќе бензин отколку што троши и значителен дел од производството го извезува, особено во САД. Но, по завршувањето на летната сезона на патувања, американските рафинерии вообичаено влегуваат во период на сезонско одржување, што може дополнително да го затегне пазарот.
Аналитичарите предупредуваат дека ако американските рафинерии започнат со планираното септемвриско одржување, достапноста на горива може дополнително да се намали. Доколку, пак, одржувањето се одложи, се зголемува ризикот од дефекти и непланирани прекини во производството.
И дизелот останува на рекордно високи нивоа
Притисокот не е ограничен само на бензинот. Маржите на европскиот дизел во вторникот достигнаа 78,91 долари за барел над цената на „Брент“, што е рекордно ниво. Во средата тие се намалија на околу 77 долари за барел, но и понатаму остануваат исклучително високи.
Европскиот пазар на дизел е под дополнителен притисок бидејќи увозниците бараат алтернативно снабдување за количините што претходно доаѓаа од Русија.
Ограничувањата на рускиот извоз на горива, заедно со нарушувањата на снабдувањето предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток, ја зголемуваат конкуренцијата за достапните количества дизел.
За европските потрошувачи, високите рафинериски маржи претставуваат ризик од дополнителен притисок врз цените на бензинот и дизелот, особено ако нарушувањата во снабдувањето продолжат и во текот на есента.
Пазарот сега влегува во период во кој комбинацијата од ниски залихи, ограничен рафинериски капацитет, проблеми со транспортот и геополитички ризици може да го задржи притисокот врз цените на горивата.
Извор: Ројтерс
