Американскиот претседател Доналд Трамп свика состанок со претставници на најголемите американски нафтени компании и рафинерии, додека растот на цените на бензинот и дизелот создава дополнителен инфлаторен притисок и политички проблеми за администрацијата пред ноемвриските избори за Конгресот.
На состанокот во Белата куќа, закажан за денеска, се очекува да учествуваат претставници на „Marathon Petroleum“, „Phillips 66“, „Chevron“, „Delek US Holdings“, „PBF Energy“ и „Valero Energy“. Главни теми ќе бидат рафинерискиот капацитет и цените на горивата.
Просечната цена на бензинот во САД во август изнесуваше над 4 долари за галон, што претставува зголемување од речиси 30% во однос на истиот период од минатата година. Дизелот, кој е од клучно значење за транспортот, индустријата и земјоделството, се приближува до историскиот максимум од 5,80 долари за галон.
Според Белата куќа, Трамп ќе разговара со претставниците на нафтената индустрија за можностите за зголемување на рафинерискиот капацитет и намалување на цените за американските потрошувачи.
„Претседателот ќе се сретне со лидерите во индустријата за да соработуваат на најдобрите начини за зголемување на рафинерискиот капацитет, понатамошно зајакнување на американската енергетска доминација низ целиот синџир на снабдување и намалување на цените за американскиот народ“, изјави портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс.
Рафинериите работат со над 95% од капацитетот
Растот на цените е поврзан со нарушувањата на снабдувањето со нафта предизвикани од војната со Иран, како и со намалувањето на глобалниот рафинериски капацитет по украинските напади со дронови врз руски рафинерии.
Во исто време, американските рафинерии веќе работат со исклучително висока искористеност. Според податоците на американската Управа за енергетски информации (EIA), до неделата што завршила на 21 август, искористеноста на рафинерискиот капацитет во САД била 95% или повеќе во 12 последователни недели, што е најдолг период со толку висока искористеност од 2000 година.
Аналитичарите предупредуваат дека ограничениот простор за дополнително зголемување на производството ја прави американската нафтена инфраструктура ранлива на нови нарушувања. Потенцијален ураган во Мексиканскиот Залив, каде што се концентрирани значителен дел од рафинериските капацитети, би можел дополнително да ги зголеми цените.
Дополнителен ризик претставува и ниското ниво на сезонските залихи на дизел и масло за греење, додека планираното одржување на неколку големи рафинерии би можело дополнително да го намали снабдувањето.
Рафинериите остваруваат рекордни профити
Состанокот доаѓа во момент кога американските рафинерии остваруваат високи профити. Разликата меѓу цената на суровата нафта и цената на преработените горива, позната како „crack spread“, достигна околу 100 долари за барел.
Трамп уште во јуни ги обвини големите нафтени компании дека ги зголемуваат цените на горивата и побара истрага од американското Министерство за правда.
Во понеделникот цената на нафтата повторно порасна. Северноморскиот „Брент“ поскапе за околу 2,7%, на 90,49 долари за барел, по новата размена на напади меѓу САД и Иран.
Експертите, сепак, сметаат дека администрацијата има ограничени можности директно да влијае врз цените на горивата. Рафинериите веќе работат со високи стапки, а дел од компаниите го одложуваат редовното одржување за да продолжат со максимално производство.
Еден од можните потези што ги разгледуваат аналитичарите е ограничување или забрана на извозот на горива од САД, со цел поголем дел од домашното производство да остане на американскиот пазар.
Според проценка на Универзитетот Браун, од почетокот на конфликтот кон крајот на февруари, американските потрошувачи платиле дополнителни 51,9 милијарди долари за бензин и 43,1 милијарди долари за дизел во однос на сценариото во кое цените би останале на предвоеното ниво.
Просечниот американски дом, според истата проценка, досега бил погоден со дополнителен трошок од околу 725 долари, кој продолжува да расте.
Растот на цените на горивата се случува во чувствителен политички период за Трамп, со оглед дека до изборите за Конгресот во ноември остануваат помалку од три месеци.
Извор: Financial Times
