Романија воведува нов механизам со кој потрошувачите ќе можат да добиваат финансиски надомест за привремено намалување на потрошувачката на електрична енергија, како дел од напорите за зголемување на флексибилноста и стабилноста на електроенергетскиот систем.
Романската регулаторна агенција за енергетика (ANRE) усвои нов правилник со кој таканаречената флексибилност на побарувачката станува нов пазарен производ. Со тоа, потрошувачите, снабдувачите и агрегаторите ќе можат да остваруваат приходи доколку доброволно ја приспособат својата потрошувачка во одредени периоди.
Според регулаторот, механизмот не е наменет само за кризна состојба, туку претставува пазарна алатка која ќе овозможи подобро управување со електроенергетскиот систем во услови на недостиг на производство, екстремни временски услови или ограничени можности за увоз на електрична енергија.
Како ќе функционира системот?
Романскиот оператор на преносниот систем, Transelectrica, ќе ги утврдува потребите за намалување на потрошувачката во одреден период и ќе организира јавни повици.
Потрошувачите, снабдувачите или агрегаторите ќе доставуваат понуди со количината на електрична енергија што можат да ја намалат и цената што ја бараат за тоа, а ќе бидат избирани економски најповолните понуди.
Реализираното намалување ќе се потврдува преку мерења, по што учесниците ќе добиваат финансиски надомест.
Претседателот на ANRE, Џорџе Никулеску, изјави дека досега електроенергетскиот систем главно се балансирал преку прилагодување на производството, додека новиот механизам овозможува да се управува и со потрошувачката.
„Во одредени периоди е поефикасно и поевтино доброволно да се намали побарувачката. Така, флексибилноста на потрошувачката станува пазарна услуга со сопствена вредност и цена, а потрошувачите од пасивни корисници се претвораат во активни партнери на системот“, истакна Никулеску.
Нов тренд во европската енергетика
Механизмите за флексибилност на побарувачката сè повеќе се применуваат во Европа, особено поради растот на обновливите извори на енергија, кои носат поголема променливост во производството.
Со вклучување на потрошувачите во балансирањето на системот, операторите можат да ја намалат потребата од користење поскапи резерви и системски услуги, што на долг рок може да придонесе за пониски трошоци на пазарот на електрична енергија.
Романија го воведува овој механизам во период кога земјата се соочува со зголемени предизвици во електроенергетскиот сектор, поради намаленото производство од хидроцентралите и нуклеарните капацитети во текот на летото, како и високите температури и растечката потрошувачка на електрична енергија.
Извор: Romania-insider.com
