Романија го исклучи последниот нуклеарен реактор поради нискиот водостој на Дунав

Романија го исклучи и последниот активен нуклеарен реактор во нуклеарната централа „Чернавода“, откако сушата предизвика историски низок водостој на Дунав, чија вода се користи за ладење на реакторите.

Исклучувањето создава дополнителен притисок врз романскиот електроенергетски систем, но и сериозен проблем за соседна Молдавија, која во значителна мера се потпира на увоз на електрична енергија од Романија за да ги покрие сопствените дефицити.

Компанијата „Нуклеарелектрика“ соопшти дека вториот реактор во „Чернавода“ бил исклучен поради „значителното и континуирано намалување“ на нивото на Дунав. Компанијата не очекува негово повторно пуштање во работа во следните десет дена.

РЕКЛАМА

Двата реактори во централата имаат по 706 мегавати и заедно обезбедуваат околу 20% од производството на електрична енергија во Романија.

Првиот реактор беше исклучен уште кон крајот на јули поради нискиот водостој на реката.

Романија во енергетска вонредна состојба

Романија прогласи енергетска вонредна состојба за целиот август и ги повика компаниите и домаќинствата да ја намалат потрошувачката во периодите на најголема побарувачка.

Министерството за енергетика веќе активираше термоелектрана на лигнит со капацитет од 330 мегавати, а недостигот се надополнува и со зголемено производство од ветерни електрани и хидроцентрали, во зависност од расположливите количества вода во акумулациите.

Властите предупредија дека, доколку состојбата дополнително се влоши, во вечерните часови би можело да се воведат ограничувања за големите индустриски потрошувачи.

Претходно овој месец романската влада соопшти дека производителите на автомобили „Дачија“ и „Форд“ ќе го прекинат производството во земјата до 19 август, како дел од мерките за намалување на потрошувачката на електрична енергија.

Молдавија останува без важен извор на струја

Најголем непосреден ризик се очекува за Молдавија, која се потпира на увозот од Романија за покривање на до 60% од сопствениот недостиг на електрична енергија.

Со прекинот на романскиот извоз, Кишињев ќе мора да бара дополнителни количества од Украина, доколку украинскиот систем има доволно расположлив капацитет, или да купува електрична енергија од западноевропските пазари по повисоки цени.

Молдавскиот енергетски експерт Серџиу Тофилат предупреди дека земјата треба да биде подготвена за влошување на состојбата, вклучително и можни прекини на снабдувањето.

Сушата го погодува нуклеарниот сектор низ Европа

Проблемот не е ограничен само на Романија. Ниските водостоји и екстремните температури го намалуваат производството и во други европски нуклеарни централи кои зависат од речните системи за ладење.

Франција, каде што нуклеарните централи обезбедуваат околу 70% од електричната енергија, оваа недела имаше повеќе од 20% од нуклеарниот капацитет надвор од функција. Во погодени се 13 од вкупно 57 реактори, поради комбинација од суша, екстремни температури и други проблеми.

И Унгарија се соочува со сличен ризик. Нејзината нуклеарна централа „Пакш“, која исто така се лади со вода од Дунав и обезбедува околу една третина од електричната енергија во земјата, работи со намален капацитет од крајот на јули.

Поради очекуваното дополнително намалување на водостојот, унгарската влада нареди изградба на подводна брана во близина на централата со цел да се задржи повисоко ниво на водата. Во близина на „Пакш“ се поставуваат и две баржи долги по 80 метри, кои во случај на потреба би биле потопени за дополнително да се подигне водостојот.

Според анализата на европската служба „Коперник“, на речиси две третини од текот на Дунав водостојот паднал на најниско јулско ниво забележано во последните 34 години.

Ниското ниво на реката дополнително го нарушува и речниот транспорт долж Дунав, кој со своите околу 2.850 километри ја поврзува западна Европа со Црното Море.

Научниците од групата „World Weather Attribution“ предупредуваат дека климатските промени предизвикани од човековата активност ја засилуваат сушата во Европа, што значи дека ваквите ризици за енергетските системи и транспортот може да стануваат почести.

Извор: TheGuardian.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил