Додека нестабилноста на Блискиот Исток продолжува да ги одржува цените на нафтата на покачени нивоа, владите во Југоисточна Европа сè почесто интервенираат со намалување на акцизите, даноците и субвенции за да го ублажат ударот врз домаќинствата и компаниите. Србија, Словенија, Црна Гора и Грција во изминатите денови најавија или продолжија мерки насочени кон ограничување на растот на малопродажните цени на горивата, покажувајќи дека енергетската криза повторно станува значаен фискален предизвик за регионот.

Најагресивен пристап има Србија, која ја продолжи одлуката за 20-процентно намалување на акцизите за бензинот и дизелот до 2 август. Мерката, воведена уште во март по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, останува дел од пошироката стратегија на Белград за контрола на домашниот пазар. Покрај намалените акцизи, владата и натаму ги определува максималните малопродажни цени на горивата на неделно ниво, а до крајот на јули останува во сила и забраната за извоз на дизел, бензин и сурова нафта.
И покрај интервенциите, цените продолжуваат да растат. Максималната цена на дизелот достигна 224 динари за литар, што е за 24 динари повеќе во споредба со периодот пред почетокот на кризата, додека бензинот се продава по 200 динари за литар.
Сличен потег презеде и Словенија, која од 28 јули привремено ги укинува придонесот за енергетска ефикасност и еколошката такса за емисиите на јаглерод диоксид кај моторните горива. Мерката ќе важи два месеци, до крајот на септември, со цел да се спречи посериозно поскапување на бензинот и дизелот поради повисоките набавни цени на нафтените деривати.
Иако намалувањето на цената ќе биде релативно скромно – околу еден евроцент по литар, словенечката влада смета дека мерката ќе помогне да се заштити куповната моќ на домаќинствата и да се задржи стабилноста на регулираните цени.
Во Црна Гора, владата се одлучи за уште поизразена фискална интервенција. До 3 август акцизата за дизелот е намалена за 30%, а за бензинот за 10%, со што државата привремено се откажува од 13,2 евроценти по литар дизел и 5,5 евроценти по литар бензин.
Овој потег практично го неутрализираше најавеното поскапување. Наместо да се зголеми за 14 центи, дизелот дури поевтини за два центи и сега се продава по 1,65 евра за литар, додека бензинот поскапе само минимално.
Во Грција, пак, владата засега не воведе нови мерки, но повторно ја разгледува можноста за враќање на субвенцијата за дизелот. Со цените што на туристичките дестинации се приближуваат или надминуваат две евра за литар, Атина предупредува дека најголем ризик претставува поскапувањето на дизелот, бидејќи директно ги зголемува транспортните и производствените трошоци низ целата економија.
Владата веќе интервенираше преку договор со рафинериите, кои од средината на јули до крајот на август обезбедуваат попусти од пет до десет евроценти по литар, а паралелно се разгледува и можноста повторно да се субвенционираат сметките за електрична енергија доколку продолжи растот на големопродажните цени.
Во Хрватска, владата останува на моделот на административно ограничување на цените на горивата, наместо да воведе ново намалување на акцизите како Србија и Црна Гора. На секои две недели се утврдуваат максимални малопродажни цени, а преку ограничување на трговските маржи и делумно намалување на акцизите државата го амортизира растот на цените. Според владините пресметки, без овие мерки бензинот би бил поскап за 9 до 15 евроценти, а дизелот за 13 до 21 евроцент по литар, зависно од движењата на светските цени на нафтата. Сепак, последната корекција донесе ново поскапување – од полноќ бензинот ќе чини 1,62 евра за литар, осум центи повеќе од досега, додека дизелот поскапува за 16 центи и достигнува 1,75 евра за литар, што дополнително ги зголемува трошоците за транспорт и врши притисок врз цените на останатите производи и услуги.
Регионалните мерки покажуваат дека владите повторно прибегнуваат кон фискални интервенции како прва линија на одбрана од новиот ценовен шок предизвикан од геополитичките тензии. Иако ваквите потези можат привремено да ја ублажат инфлацијата и да ги заштитат потрошувачите, тие истовремено го намалуваат приливот во државните буџети и отвораат прашања за тоа колку долго ќе можат да се финансираат доколку кризата на енергетските пазари продолжи.
Енергетика 24
