Брзиот раст на соларната енергија го менува начинот на кој се развива светскиот енергетски сектор. Ако досега главен предизвик беше намалувањето на цената на производството на електрична енергија од сонцето, денес во фокусот сè повеќе е складирањето на произведената енергија и нејзината испорака тогаш кога е најпотребна. Батериските системи за складирање енергија (BESS) стануваат неопходен дел од новите соларни електрани, се наведува во најновата анализа на консултантската компанија „Мекинзи“.
Во анализата се посочува дека инвестициите во соларни фотоволтаични системи достигнале околу 400 милијарди долари во 2025 година, што претставува повеќе од половина од сите инвестиции во обновливите извори на енергија во светот. Иако во 2026 година се очекува благо намалување на вложувањата на околу 365 милијарди долари, соларната енергија останува најголем сегмент во глобалните инвестиции за производство на електрична енергија, пред ветерните електрани, хидроенергетските капацитети, природниот гас, нуклеарната енергија и јагленот.
Истовремено, батериските системи бележат уште побрз раст. Во нив во текот на 2025 година се инвестирани околу 80 милијарди долари, а годинава вложувањата првпат се очекува да надминат 100 милијарди долари. Причината е што батериите овозможуваат произведената сончева енергија да се складира во текот на денот и да се испорачува во вечерните часови или во периоди кога побарувачката и цената на електричната енергија се највисоки. На тој начин се надминува најголемиот недостаток на сончевата енергија, нејзината зависност од временските услови и дневната светлина.
Според анализата, Кина останува убедливо најголем светски производител и инвеститор во соларната индустрија. Земјата располага со околу 358 гигавати инсталирани големи соларни капацитети, а само во 2025 година изградила дополнителни 88 гигавати. Зад неа следуваат Соединетите Американски Држави со 128 гигавати, Индија со 78 гигавати, земјите од Европската Унија со вкупно 119 гигавати и Бразил со 15 гигавати инсталирана моќност. Според авторите, доминацијата на Кина се должи на ниските производствени трошоци, големиот домашен производствен капацитет и контролата врз глобалниот синџир на снабдување со соларни панели и батерии.
„Мекинзи“ оценува дека цената на соларните панели е намалена за околу 98 проценти во споредба со деведесеттите години на минатиот век, додека цената на батериите е намалена за околу 75% во последната деценија. Повеќе од 80% од светското производство на соларни панели и над 75% од производството на батериски ќелии доаѓаат од Кина, што има клучно влијание врз намалувањето на глобалните трошоци за овие технологии.
Сепак, и покрај падот на цените, трошоците за производство на сигурна електрична енергија значително се разликуваат меѓу земјите. Анализата покажува дека просечниот трошок за производство на електрична енергија од големи соларни електрани со батериски системи изнесува околу 50 долари за мегават-час во Кина, околу 65 долари во Бразил и Индија, 95 долари во Шпанија и околу 110 долари во САД. Најголем дел од разликата произлегува од повисоките трошоци за батерии, транспорт, царини и финансирање на проектите.
Во извештајот се наведува дека со натамошното ширење на соларната енергија најголем предизвик повеќе нема да биде цената на производството, туку интеграцијата во електроенергетските системи. Во многу земји новите проекти се соочуваат со ограничени капацитети на преносната мрежа, долги процедури за приклучување и недоволно развиени механизми за вреднување на складираната електрична енергија. Во САД, на пример, просечното време за приклучување на нова соларна електрана на електроенергетската мрежа достигнува околу пет години.
Авторите заклучуваат дека идниот успех на соларната индустрија ќе зависи не само од изградбата на нови електрани, туку и од способноста произведената енергија ефикасно да се складира, пренесе и пласира на пазарот во периодите кога има најголема вредност. Според нив, државите што ќе инвестираат во модерни електроенергетски мрежи, батериски системи, брзо приклучување на нови капацитети и флексибилни пазарни механизми ќе бидат најконкурентни во следната фаза од глобалната енергетска транзиција.

Извор: McKinsey.com
