Ембер: Соларната енергија за првпат обезбеди четвртина од електричната енергија во ЕУ

Соларната енергија во јуни годинава за првпат обезбеди една четвртина од вкупното производство на електрична енергија во Европската Унија, со што стана најголемиот поединечен извор на електрична енергија во блокот, покажува најновата анализа на енергетскиот тинк-тенк „Ембер“ (Ember).

Во јуни соларните електрани произвеле рекордни 52 терават-часови (TWh) електрична енергија, што претставува 25% од вкупното производство во ЕУ. Со тоа е надминат претходниот рекорд поставен во мај годинава, кога соларната енергија учествуваше со 23% или 47 TWh.

Соларната енергија во јуни го надмина производството од нуклеарните електрани, кои учествуваа со 21%, природниот гас со 15%, ветерните електрани со 14%, хидроцентралите со 12% , додека јагленот обезбеди само осум проценти од електричната енергија.

РЕКЛАМА

Ова е само третпат соларната енергија да биде најголем извор на електрична енергија во ЕУ, по јуни 2025 и мај 2026 година.

Според „Ембер“, рекордното производство е резултат на брзиот раст на новите соларни капацитети, но и на зголемената побарувачка за електрична енергија во текот на летото, предизвикана од топлотните бранови и поголемата употреба на системите за ладење.

„Подемот на соларната енергија е навистина спектакуларен и ги надминува сите прогнози. За само неколку години, соларната енергија од маргинален извор стана суштински дел од европскиот електроенергетски систем“, изјави Крис Рослоу, виш енергетски аналитичар во „Ембер“.

Анализата покажува дека производството од соларни електрани во ЕУ континуирано расте. Во јуни 2021 година тие обезбедувале само 10 проценти од електричната енергија или 21 TWh, а во периодот од 2021 до 2025 година соларната енергија бележела просечен годишен раст од повеќе од 20% најбрз меѓу сите извори на електрична енергија. Само во 2025 година во ЕУ биле инсталирани нови 65,1 гигавати соларни капацитети.

Во првата половина од 2026 година дури 18 земји-членки поставиле нови национални месечни рекорди во уделот на соларната енергија. Во Шпанија, соларните електрани во јуни за првпат обезбедиле 34% од производството на електрична енергија, додека во Германија нивниот удел достигнал 36%. Полска, и покрај тоа што останува една од најголемите кориснички на јаглен во ЕУ, во јуни добила 24% од електричната енергија од сонце, благодарение на повеќекратното зголемување на инсталираните соларни капацитети во изминатите пет години.

Извор: Ember-energy.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил