Европската Унија планира до 2030 година да ги зголеми капацитетите за складирање енергија од сегашните 55 на 200 гигавати (GW), со цел поефикасно искористување на електричната енергија од обновливите извори, намалување на зависноста од увоз на фосилни горива и стабилизирање на цените на струјата, објави „Еуроњуз“.
Првиот трипартитен договор за складирање енергија, потпишан на 26 јуни од министрите за енергетика на ЕУ, Европската комисија и претставници на индустријата и финансискиот сектор, предвидува земјите-членки до 2028 година да инсталираат дополнителни 30 до 35 GW капацитети за складирање. Досега на иницијативата ѝ се приклучија 22 земји-членки, а 17 веќе доставиле конкретни национални обврски.
Причината за договорот е сè поголемиот јаз меѓу растот на производството од сончеви и ветерни електрани и недоволните капацитети за складирање. Уделот на обновливите извори во вкупната потрошувачка на енергија во ЕУ пораснал од 23% во 2020 година на 25,2% во 2024 година, а тие веќе обезбедуваат 44% од производството на електрична енергија. Сепак, поради недостиг на складишта, значителни количини струја произведени во периоди на силно сонце и ветер остануваат неискористени, додека во часовите со поголема побарувачка повторно се активираат гасните електрани.
Според Европската комисија, складирањето е клучно и поради растечката потрошувачка на електрична енергија. Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценува дека потрошувачката на дата-центрите и системите за вештачка интелигенција ќе се удвои до 2030 година. Истовремено, ЕУ планира до крајот на деценијата на патиштата да има повеќе од 30 милиони електрични возила и да инсталира 50 милиони топлински пумпи, што дополнително ќе ја зголеми потребата од флексибилен електроенергетски систем.
Во првиот квартал од 2026 година европските пазари забележале 1.223 часа со негативни цени на електричната енергија, речиси двојно повеќе од претходните години, бидејќи производството од сонце и ветер ја надминало побарувачката и капацитетот на мрежата. Најпогодени биле Германија и Шпанија. Според експертите, батериските системи овозможуваат овој вишок да се складира кога цените се ниски, а потоа да се врати во мрежата кога побарувачката ќе порасне.
Извршната директорка на SolarPower Europe, Валбурга Хеметсбергер, оцени дека договорот за првпат го поставува складирањето енергија како еден од главните приоритети на европската енергетска политика, но предупреди дека сегашните национални обврски сè уште се далеку од целта од 200 GW до 2030 година. Според неа, батериите ќе бидат клучната технологија бидејќи можат брзо да се инсталираат, да заштедат околу 55 милијарди евра годишно во трошоците на електроенергетскиот систем и да ја намалат потребата од увоз на природен гас.
Договорот не е правно обврзувачки, но земјите-членки се обврзаа да ги забрзаат процедурите за одобрување на проектите, да ги отстранат регулаторните пречки, да обезбедат подобри услови за финансирање и побрзо приклучување на системите за складирање на електроенергетската мрежа. Европската инвестициска банка, пак, најави проширување на финансиската поддршка за вакви проекти, а Европската комисија ќе го следи спроведувањето на договорот на годишно ниво.

Извор: Euronews.com
