Обновливите извори покрија 58% од потрошувачката на струја во Германија

Обновливите извори на енергија во првата половина од годинава обезбедиле рекордни 58% од потрошувачката на електрична енергија во Германија, што е за речиси три процентни поени повеќе во споредба со истиот период лани и повеќе од просекот за цела 2025 година, кога нивниот удел изнесуваше 55,8%.

Прелиминарните податоци на Германската асоцијација за енергетика и водостопанство (BDEW) и Центарот за истражување на сончевата енергија и водородот во Баден-Виртемберг (ZSW) покажуваат дека од јануари до јуни од обновливи извори се произведени 152,2 милијарди киловат-часови електрична енергија.

Најголем придонес за растот имала ветерната енергија. Производството од копнените ветерни електрани е зголемено за седум проценти, а од офшор ветерните паркови за 28,3%. Производството од фотоволтаичните системи пораснало за 3,7%, додека производството од биомаса останало речиси непроменето. Единствено хидроелектраните забележале пад на производството од 7,7% поради намалените врнежи.

РЕКЛАМА

Во првите шест месеци од годинава продолжил и силниот инвестициски циклус во обновливите извори. Инсталирани се нови 8,3 гигавати фотоволтаични капацитети, што е повеќе отколку во истиот период минатата година. Кај копнените ветерни електрани се пуштени во работа нови 2,5 гигавати, во споредба со 2,2 гигавати една година претходно, додека офшор ветерните паркови се зголемени за 0,9 гигавати, речиси двојно повеќе отколку во првата половина од 2025 година.

Вкупното производство на електрична енергија во Германија во првите шест месеци достигнало 263,5 милијарди киловат-часови, што е за четири проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Од таа количина, 111,3 милијарди киловат-часови се произведени од конвенционални извори, а остатокот од обновливи извори.

Главната извршна директорка на BDEW, Керстин Андреае, оцени дека резултатите се должат на големите инвестиции во енергетскиот сектор, но предупреди дека за да продолжи ваквиот тренд е неопходно германската Влада да ги забрза измените на Законот за обновливи извори на енергија и Законот за офшор ветерна енергија.

Директорот на ZSW, Фритјоф Штајс, истакна дека зголемувањето на уделот на обновливите извори ја намалува зависноста од увоз на фосилни горива и ја прави германската економија поотпорна на ценовни шокови. Според него, обновливите извори се клучни и за декарбонизацијата на индустријата, транспортот и системите за греење, особено во услови на сè почести екстремни топлотни бранови.

Извор: BDEW.de

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил