Европа ја очекува зима со најниски резерви на гас во последните 15 години

Европската Унија би можела да ја дочека претстојната грејна сезона со најниско ниво на резерви на природен гас во последните најмалку 15 години, предупредуваат аналитичарите. Според проценките на консултантската компанија Wood Mackenzie, европските складишта до крајот на сезоната за дополнување на резервите, која трае од април до октомври, ќе бидат исполнети само околу 76%.

Таквото ниво би било најниско од 2011 година наваму, покажуваат податоците на Gas Infrastructure Europe (GIE), што ги зголемува стравувањата од повисоки цени на гасот за домаќинствата и компаниите во текот на зимата.

Причина за слабата динамика на полнење на складиштата е нарушеното глобално снабдување со течен природен гас (ЛНГ), откако војната меѓу САД и Иран доведе до прекин на транспортот низ Ормускиот Теснец. Дополнителен притисок создадоа и намаленото производство во Катар и Обединетите Арапски Емирати.

РЕКЛАМА

Европските складишта годинава стартуваа со само 28% исполнетост поради исклучително студената зима, а во моментов се пополнети околу 48%, што е значително под просекот за овој период од годината.

Иако цените на природниот гас во Европа нагло пораснаа по американско-израелските напади врз Иран кон крајот на февруари, во последните недели тие повторно се стабилизираа и се движат околу 40 евра за мегават-час. Сепак, пониските цени создадоа нов проблем, тие не се доволно привлечни за трговците да ги насочат испораките на течен природен гас кон европскиот пазар.

„Европа се наоѓа во критична фаза од летната сезона на дополнување на резервите. Колку подолго остане ограничена понудата на ЛНГ, толку пониски ќе бидат резервите пред зимата, а ризикот од ценовни шокови ќе биде поголем“, предупредува Наташа Филдинг, аналитичар во Argus Media.

Од Европската комисија смируваат дека сегашната состојба засега не претставува непосредна закана за енергетската безбедност. Според Брисел, пополнетост од околу 80% е доволна за сигурно снабдување во текот на зимските месеци, а годинава земјите-членки добија препорака резервите да достигнат меѓу 75 и 80%, наместо досегашната необврзувачка цел од 90%.

Неизвесноста дополнително ја зголемуваат проценките дека закрепнувањето на производството во Катар би можело да оди побавно од очекувањата. Аналитичарите на Goldman Sachs предупредуваат дека доколку испораките не се нормализираат до крајот на јули, европските складишта би можеле да влезат во зимата со исполнетост од само 70%.

Дополнителен ризик претставува и најавениот план на Европската Унија од 1 јануари целосно да го забрани увозот на руски течен природен гас, кој во моментов учествува со околу 14 проценти во вкупниот европски увоз на ЛНГ.

Енергетските аналитичари предупредуваат дека, доколку зимата биде постудена од вообичаено, ограничените резерви би можеле повторно да предизвикаат силен раст на цените на природниот гас во Европа.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил