Ристов за “360 Степени: Горивата ќе се стабилизираат, а Чебрен повеќе не смее да чека

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, смета дека цените на горивата постепено ќе се стабилизираат, дека Македонија бележи значителен бенефит од таканаречениот „горивен туризам“, а државата повеќе не смее да го одложува почетокот на изградбата на хидроцентралата Чебрен. Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, тој говореше и за можните промени кај евтината тарифа за струја, цената на парното и идните енергетски инвестиции.

Според Ристов, потрошувачката на горива во земјава од почетокот на март е зголемена за околу 35% во споредба со истиот период лани, но тоа, како што вели, не се должи на поголема домашна потрошувачка.

„Тоа е драстично зголемување… не се должи на потрошувачи од земјава, туку станува збор за количини кои биле продадени кон купувачи од соседите, со тоа што данокот и акцизата остануваат кај нас“, рече Ристов.

РЕКЛАМА

Тој оцени дека Македонија моментално има најконкурентни цени на горивата во регионот, поради што очекува и во текот на летната сезона голем број транзитни патници да точат гориво во земјава.

„Практично околу 30-35 денари од секој литар гориво останува за државата. Тоа не е малку“, истакна претседателот на РКЕ.

Во однос на движењето на цените, Ристов очекува стабилизација во текот на летото, но нагласи дека тие зависат од повеќе фактори, не само од цената на суровата нафта, туку и од курсот на доларот, што ја прави пресметката непредвидлива.

Тој потсети дека мерките со кои државата се откажа од дел од акцизите и даноците за време на кризата веќе не се во сила и дека од 1 јуни системот е вратен во редовен режим.

Чебрен не смее повеќе да чека

Осврнувајќи се на капиталните енергетски инвестиции, Ристов порача дека државата предолго разговара за Чебрен без конкретен напредок.

„Чебрен требало да биде направен пред 30 години. Денеска ќе имавме само ефект. И што поскоро почне да се гради Чебрен, односно вчера или денес, ние ќе имаме бенефит многу брзо“, рече тој.

Како можен модел за реализација, предложи формирање ново акционерско друштво во кое би можеле да инвестираат и граѓаните и приватниот сектор, додека државата би задржала малцински удел.

„Треба да се формира нова компанија којашто ќе го изгради и ќе менаџира. Владата можеби треба да се откаже од 51%, да остане 49%, бидејќи приватниот капитал, доколку го менаџира, ќе биде профитабилен“, изјави Ристов.

Според него, Македонија располага со значителен домашен капитал кој моментално е во банкарски депозити, а дел од тие средства би можеле да се насочат кон стратешки енергетски проекти.

Во исто време, тој оцени дека државата нема доволно финансиски капацитет самостојно да ги реализира сите големи енергетски инвестиции, па затоа јавно-приватните партнерства се реално решение.

Можно проширување на евтината тарифа

Ристов најави дека РКЕ веќе работи на нов тарифен модел за електрична енергија, при што една од опциите е проширување на дневниот период на евтина тарифа.

„Според сегашните анализи коишто се првични – да. Преку ден најверојатно ќе се зголемува периодот на евтината тарифа, а може ќе се намали навечер“, рече тој.

Според него, промените најверојатно би биле сезонски и би важеле во периодот од април до крајот на септември, кога производството од фотоволтаичните централи е најголемо.

Истовремено, нагласи дека сè уште не е донесена конечна одлука ниту за евтината тарифа, ниту за евентуални измени на блок-тарифите.

Парното нема драстично да поскапи

Во однос на цената на топлинската енергија, претседателот на РКЕ порача дека граѓаните не треба да стравуваат од значително поскапување.

„Граѓаните да бидат мирни дека нема да се случи такво покачување на цените во ниеден случај. И да се случи некое покачување тоа ќе биде ред величина од 5% до 13% или 15% максимум“, рече Ристов.

Тој објасни дека енергетските компании побарале зголемувања и до 130%, но оцени дека таквите барања се целосно нереални.

Според него, при утврдувањето на новата цена ќе мора внимателно да се балансираат интересите на компаниите и на граѓаните, бидејќи преголемо поскапување би можело повторно да предизвика масовно исклучување од системот за централно греење.

Ристов додаде дека ТЕ-ТО останува клучен фактор за стабилноста на системот за греење во Скопје, бидејќи обезбедува околу половина од потребната топлинска енергија, а оценува дека когенеративните електрани ќе имаат сè поважна улога во идниот развој на македонската енергетика.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил