Скопје, 22 јуни 2026 – Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 6,61% во однос на претходната одлука од 15 јуни.
Најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло за домаќинство, чии цени се намалуваат за 7 денари по литар, додека бензините поевтинуваат од 3,5 до 4 денари по литар.
Според РКЕ, падот на цените е резултат на значителното намалување на референтните цени на светските пазари. Бензините бележат пад од 8,21%, дизелот од 12,699%, екстра лесното масло од 12,35%, а мазутот од 11,35%. Во исто време, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,039%.
Од 23 јуни 2026 година од 00:01 часот, максималните цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 84,00 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС-98 – 86,00 денари за литар
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 80,50 денари за литар
- Екстра лесно масло (ЕЛ-1) – 79,50 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 42,291 денари за килограм
Во однос на претходните цени, ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 3,50 денари по литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 4,00 денари, додека дизелот и екстра лесното масло се намалуваат за 7,00 денари по литар. Цената на мазутот се намалува за 3,932 денари по килограм.
Од РКЕ потсетуваат дека станува збор за максимално дозволени цени и дека трговците можат да ги продаваат дериватите и по пониски цени.
Извор: РКЕ
