Колку ветерни турбини се потребни за да произведат енергија како нуклеарна централа?

Истражувањата покажуваат дека ветерната енергија напредува, но нуклеарните централи и натаму имаат значителна предност во капацитетот и искористувањето на просторот.

Во време кога многу држави бараат алтернативи на фосилните горива поради глобалните геополитички и енергетски предизвици, се отвора прашањето колку обновливите извори на енергија можат да ја заменат нуклеарната енергија.

Според Џон Парсонс, заменик-директор на Центарот за енергетски и еколошки истражувања при Универзитот МИТ во Бостон, за да се достигне производството на еден просечен нуклеарен реактор со моќност од околу 900 мегавати, потребно е да се изградат приближно 800 ветерни турбини.

РЕКЛАМА

Главната разлика е што нуклеарните централи работат со речиси полн капацитет во текот на целото деноноќие, додека производството на ветерните електрани зависи од временските услови и јачината на ветерот.

Освен тоа, ветерните паркови бараат значително поголема површина. Според експертските проценки, за производство на иста количина електрична енергија би бил потребен простор до 1.000 пати поголем од оној што го зафаќа еден нуклеарен реактор. Дел од земјиштето меѓу турбините може да се користи за земјоделски активности, но дури и ако се пресметува само просторот што го зафаќаат самите турбини, потребната површина останува десетпати поголема.

Кинески проект за летечки ветерни турбини

Во меѓувреме, научниците и компаниите ширум светот работат на развој на поефикасни технологии за производство на ветерна енергија. Кинеска компанија неодамна успешно тестираше прототип на таканаречена „летечка“ ветерна турбина, која работи на височина од околу 2.000 метри над земјата.

Благодарение на посилните и постабилни воздушни струења на таа височина, системот може да произведува значително повеќе електрична енергија од класичните турбини поставени на земја. Првичните тестови покажале дека прототипот може да генерира до 3 мегавати енергија, што значи дека за изедначување на производството на еден нуклеарен реактор би биле потребни околу 300 вакви турбини.

Истражувачите сметаат дека технологијата би можела да се користи за снабдување со електрична енергија на оддалечени населби и инфраструктурни објекти, како и како дополнување на постојните ветерни паркови.

Поголеми турбини, поголема ефикасност

Паралелно со новите концепти, индустријата инвестира и во изградба на сè поголеми ветерни турбини. Според прогнозите, офшор турбините до 2035 година ќе достигнат просечна височина од речиси 150 метри, значително повеќе од просекот во 2016 година.

Поголемите турбини произведуваат повеќе електрична енергија, а експертите очекуваат новите генерации да генерираат речиси трипати повеќе енергија од турбините изградени пред две децении. Ова овозможува намалување на бројот на потребни турбини и пониски трошоци за производство на електрична енергија.

Дополнително, некои истражувања покажуваат дека морските ветерни паркови можат да имаат и позитивни еколошки ефекти, создавајќи засолништа за различни морски видови, вклучувајќи риби, јастози и фоки.

Иако обновливите извори на енергија бележат брз технолошки напредок, податоците покажуваат дека нуклеарната енергија засега останува еден од најефикасните извори за производство на големи количини електрична енергија на релативно мала површина.

Извор: Slashgear.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил