Енергетиката е меѓу областите што добиваат значително внимание во најновиот извештај за Македонија на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц. Во документот се препознаваат направените чекори во реформите на секторот, но и потребата од натамошно забрзување на процесите поврзани со енергетската транзиција.
Европскиот парламент го поздравува усвојувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година, оценувајќи го како важен чекор кон усогласување на националното законодавство со европските правила и политики во оваа област.
Во извештајот се истакнува дека Македонија има значителен потенцијал за развој на обновливите извори на енергија и се охрабрува побрза реализација на инвестиции во соларни, ветерни и други зелени енергетски проекти. Воедно, се нагласува и важноста од подобрување на енергетската ефикасност, особено во зградите, како еден од начините за намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за граѓаните и компаниите.
Документот повикува и на дополнителни вложувања во енергетската инфраструктура и зајакнување на регионалната поврзаност, што според европратениците може да придонесе за поголема сигурност во снабдувањето со енергија и подобра интеграција на земјата во европскиот енергетски пазар.
Истовремено, во извештајот се нотира дека земјата сè уште се потпира во значителна мера на јагленот во производството на електрична енергија, поради што се препорачува постепено забрзување на транзицијата кон почисти извори на енергија.
Според оценките на Европскиот парламент, реформите во енергетиката и инвестициите во модерна инфраструктура претставуваат важна можност за одржлив економски развој, зголемување на енергетската сигурност и понатамошно приближување на Македонија кон Европската Унија.
Енергетика 24
