ИЕА: Енергетската криза ја забрзува електрификацијата на Европа

Европската Унија влегува во нова фаза од енергетската транзиција, а актуелната глобална енергетска криза дополнително ја забрзува потребата од електрификација на индустријата, транспортот и домаќинствата. Најновата анализа на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) предупредува дека Европа останува премногу зависна од увозни фосилни горива, што ја прави ранлива на геополитички кризи, ценовни шокови и прекини во снабдувањето.

Според анализата, затворањето на Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас повторно ја отворило дебатата за енергетската безбедност на ЕУ. Иако Унијата во последните години значително ја намали зависноста од руски гас, европската економија и понатаму во голема мера се потпира на увоз на енергенси.

Во моментов, околу 70% од електричната енергија во ЕУ се произведува од домашни и нискоемисиони извори, меѓу кои обновливи извори, нуклеарна енергија и хидроцентрали. Сепак, помалку од една четвртина од вкупната потрошувачка на енергија во индустријата, транспортот и домаќинствата доаѓа од електрична енергија. Дури две третини од крајната потрошувачка сè уште зависат од фосилни горива, а повеќе од 80% од тие горива се увезуваат.

РЕКЛАМА

Експертите на ИЕА оценуваат дека токму електрификацијата е клучот за поголема енергетска независност, пониски сметки и намалување на емисиите на штетни гасови. Сепак, агенцијата предупредува дека цената на електричната енергија и понатаму останува главен фактор што го одредува темпото на транзицијата.

Анализата покажува дека земјите со пониски односи меѓу цената на струјата и цената на гасот имаат значително повисоко ниво на електрификација. Таму каде што струјата е поконкурентна, расте користењето топлински пумпи, електрични возила и електрични индустриски системи.

Особено голем потенцијал постои кај индустриското греење. Според ИЕА, топлинските пумпи веќе се најисплатливо решение за околу 40% од нискотемпературната индустриска топлина во Европа. Во 17 земји-членки, трошоците за користење топлински пумпи се пониски од користењето гасни котли, додека во уште голем број земји разликата е минимална.

Сепак, компаниите и понатаму се соочуваат со сериозни пречки, високи почетни инвестиции, недостиг на технички капацитети, долги процедури за приклучување на електричната мрежа и високи мрежни тарифи. Поради тоа, ИЕА препорачува европските влади да воведат пофлексибилни тарифи за електрична енергија и да ги намалат трошоците за индустриите што можат да ја приспособуваат потрошувачката според потребите на мрежата.

Голем потенцијал има и кај домаќинствата. Топлинските пумпи се три до пет пати поефикасни од класичните системи за греење, а во нордиските земји тие веќе се доминантна технологија. Во Португалија, Франција и Австрија, топлинските пумпи учествуваат со околу половина од продажбата на нови системи за греење.

Во 16 европски земји, користењето топлински пумпи веќе е поисплатливо од гасните котли во текот на целиот животен век на системот. Во Холандија, Португалија и Бугарија, сопствениците можат да заштедат меѓу 15% и 30% од трошоците за греење. Но, во големите пазари како Германија, Полска и Франција, високите почетни трошоци и понатаму претставуваат главна бариера.

ИЕА нагласува дека токму почетната инвестиција е најголем проблем за граѓаните. Инсталирањето топлинска пумпа често бара дополнителни градежни зафати и поголеми вложувања во споредба со традиционалните гасни системи. Затоа агенцијата препорачува долгорочни субвенции, бескаматни кредити и стабилни политики што ќе им дадат сигурност на потрошувачите.

Сè поголема конкурентност покажуваат и електричните автомобили. Според анализата, електричните возила користат четири до пет пати помалку енергија по километар од класичните автомобили со мотори со внатрешно согорување. Во 11 земји на ЕУ, инвестицијата во електричен автомобил се исплаќа за помалку од осум години, а државните субвенции дополнително го намалуваат периодот на отплата.

Во најголемите европски пазари, како Германија и Франција, субвенциите од околу 4.000 евра го намалуваат периодот на исплатливост од седум до десет години на само три до пет години. Во меѓувреме, европскиот пазар добива сè повеќе достапни модели на електрични автомобили со почетни цени од околу 25.000 евра.

Податоците покажуваат дека процесот веќе е започнат. Во првите четири месеци од 2026 година, продажбата на електрични автомобили во ЕУ пораснала за околу 30%, додека продажбата на топлински пумпи на клучните европски пазари, меѓу кои Германија, Франција и Полска, е зголемена за 17% во првиот квартал од годината.

Од ИЕА сметаат дека сегашната криза може да биде пресвртница за европскиот енергетски систем, слична на нафтените шокови од 1970-тите. Тогаш Европа масовно инвестираше во нуклеарна енергија и енергетска ефикасност, а денес кризата повторно ја турка Унијата кон големи структурни промени.

Експертите предупредуваат дека без забрзана електрификација Европа ќе остане изложена на нестабилни цени на гасот и нафтата и на нови геополитички ризици. Според нив, транзицијата кон електрична енергија не е повеќе само климатска политика, туку прашање на економска стабилност, конкурентност и енергетска безбедност на целиот континент.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил