САД упатија силен повик до Косово да стане дел од американските енергетски проекти за течен природен гас (ЛНГ) на Балканот, оценувајќи дека тоа е клучен чекор кон поголема енергетска безбедност, стабилност и економски развој.
Вршителката на должноста амбасадор на САД во Приштина, Ану Пратипати, во авторски текст објавен во косовските медиуми, порача дека Косово мора брзо да реагира доколку сака да обезбеди место во новата енергетска архитектура што Вашингтон ја гради во регионот.
„САД и Косово заедно можат да ја зајакнат енергетската безбедност и да создадат посигурна иднина“, нагласи Пратипати.
Според неа, Косово веќе се соочува со сериозен проблем во обезбедувањето доволни количини електрична енергија. Таа се повика на податоци од косовската царина, според кои во последните четири години земјата потрошила дури 735 милиони евра за увоз на струја од соседните држави. Само во 2025 година, трошоците за увоз достигнале 259 милиони евра, што претставува значителен раст во споредба со 142 милиони евра во 2024 година.
„Додека цените и побарувачката за енергија продолжуваат да растат, Косово ќе станува сè позависно од соседите“, предупреди американската дипломатка.
Пратипати потсети и на изјавата на специјалниот пратеник на американското Министерство за енергетика, Џошуа Волц, кој неодамна оцени дека косовскиот енергетски систем итно има потреба од модернизација. Според него, САД се подготвени да помогнат во поврзување на американските компании со партнери во Косово.
Американската иницијатива предвидува проширување на ЛНГ-инфраструктурата низ Балканот, преку регионални проекти како Вертикалниот гасен коридор и ЛНГ-терминалот во Хрватска. Пратипати истакна дека Косово би можело да се приклучи и на гасоводот што ќе го поврзе терминалот во Александрополис, Грција, со Скопје во Македонија.
Во моментов, околу 90% од електричната енергија во Косово се произведува од јаглен, додека обновливите извори учествуваат со само 10 проценти. Според експертите, природниот гас би можел да претставува преодно решение за намалување на зависноста од јаглен и стабилизирање на енергетскиот сектор.
Во меѓувреме, додека повеќе земји од Западен Балкан, меѓу кои Албанија, Хрватска и Босна и Херцеговина, веќе потпишаа милијарди долари вредни енергетски договори со американски компании, Косово засега останува надвор од главниот инвестициски бран.
Пораката од Вашингтон предизвика силни реакции и на косовската политичка сцена. Лидерите на опозициските партии – Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово, јавно ја поддржаа иницијативата и најавија дека ќе работат на поврзување на Косово со американските гасни проекти.
Лидерот на ДПК, Бедри Хамза, оцени дека Косово „не смее повеќе да ја плаќа цената на идеолошките одбивања и недостигот од визија“, додавајќи дека американскиот гас значи поголема енергетска сигурност, повеќе инвестиции и пониски цени за граѓаните и стопанството.
Од Демократскиот сојуз на Косово порачаа дека ставот на Пратипати е „јасна порака за стратешката иднина на Косово“, предупредувајќи дека секое дистанцирање од американските енергетски проекти може да ја зголеми зависноста од други геополитички влијанија, вклучително и руските.
Во меѓувреме, Алијансата за иднината на Косово ја обвини владата на премиерот Албин Курти за блокирање на американскиот гасен проект и за зголемената зависност од увоз на електрична енергија.
„Енергетската безбедност е национална безбедност“, порача лидерот на Алијансата, Ардиан Ѓини.
Американската дипломатка на крајот предупреди дека времето за носење одлуки истекува.
„Можноста за приклучување кон овие проекти се затвора“, нагласи Пратіпати, додавајќи дека американскиот извоз на ЛНГ до 2030 година се очекува да се удвои.
Енергетика 24
