ФТ: ЕУ го зголеми увозот на ЛНГ од Русија“

Земјите од Европската Унија во првите шест месеци од 2026 година увезле рекордни количини течен природен гас (ЛНГ) од рускиот проект „Јамал ЛНГ“, само неколку месеци пред стапувањето во сила на европската забрана за увоз на руски ЛНГ по долгорочни договори, објави „Фајненшл тајмс“.

Според податоците на аналитичката компанија Kpler, на кои се повикува весникот, увозот од „Јамал ЛНГ“, кој е под контрола на руската компанија „Новатек“, достигнал 9,89 милиони тони во периодот јануари–јуни, што е за 18 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.

Весникот наведува дека Франција, Белгија и Шпанија биле најголеми европски купувачи на течниот природен гас од „Јамал“, со увоз од 3,6 милиони, 2,9 милиони, односно 2,7 милиони тони.

РЕКЛАМА

Според проценките на германската невладина организација Urgewald, вредноста на овие испораки би можела да достигне околу шест милијарди евра.

„Фајненшл тајмс“ оценува дека европската побарувачка и натаму има клучна улога во работењето на „Јамал ЛНГ“, најголемиот руски производител на течен природен гас, кој се потпира на ограничена флота специјализирани танкери од ледена класа и на европските пристаништа за побрз транспорт на товарот.

Податоците покажуваат дека, додека испораките кон Европа се зголемиле, извозот кон Азија во првата половина од годинава се намалил за 74%, на нешто повеќе од 510.000 тони.

Според соговорници на весникот запознаени со состојбата, дел од меѓународните бродски компании, осигурителни друштва и финансиски институции се повнимателни поради можната изложеност на европските санкции, што дополнително го отежнува пренасочувањето на рускиот ЛНГ кон азиските пазари.

Согласно сегашните правила на Европската Унија, веќе е забранет увоз на руски ЛНГ врз основа на краткорочни договори, додека секоја испорака по долгорочен договор мора да биде потврдена од царинските власти на земјата-увозник.

Од 1 јануари 2027 година треба да стапи во сила забраната за увоз на руски течен природен гас по долгорочни договори, а подоцна во текот на истата година е предвидено и целосно запирање на увозот на руски природен гас преку гасоводи.

Проектот „Јамал ЛНГ“, пуштен во работа во 2017 година, има проектиран годишен капацитет од 17,4 милиони тони течен природен гас. Покрај мнозинскиот сопственик „Новатек“, удел во проектот имаат и француската компанија TotalEnergies и кинеската CNPC.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил