Во услови на глобална енергетска криза и сè поголема потреба за рационално користење на електричната енергија, паметните броила претставуваат значаен чекор кон модерен, праведен и одржлив енергетски систем. За разлика од старите механички броила кои служат само за основно мерење на потрошувачката, новата генерација на дигитални броила носи целосно нов пристап во начинот на следење, анализа и наплата на електричната енергија.
Паметните броила овозможуваат речиси реално следење на потрошувачката – на дневно, па дури и на 15-минутно ниво. Тие мерат со прецизност до ±0,5%, во споредба со ±2% кај класичните уреди. Ова значи дека граѓаните добиваат попрецизни сметки, а електродистрибутивните компании имаат подобра контрола врз реалната потрошувачка. Податоците се архивираат автоматски, со преглед по денови, месеци и часови, што овозможува брзо откривање на грешки или евентуални рекламации.
Една од најзначајните придобивки е можноста за далечинско читање на потрошувачката и автоматско испраќање на податоците кон системот секој први ден од месецот. Ова значи дека сметките за струја може да пристигнат веднаш по истекот на месецот, без потреба од чекање на теренска екипа. Дополнително, податоци за потрошувачката на стрија може да се чуваат во меморијата на броилото и до 18 месеци, што овозможува транспарентност и увид во секој детаљ.
Благодарение на обемот и фреквенцијата на податоците, паметните броила овозможуваат развој на флексибилни и персонализирани тарифи: сезонски, викенд и празнични попусти, па дури и динамични цени што се менуваат на секој час. Сето тоа создава услови за поевтино снабдување и поголема контрола за потрошувачите. На овој начин, домаќинствата и бизнисите ќе можат свесно да ја прилагодат својата потрошувачка, избегнувајќи пикови и непотребно високи трошоци.
Покрај ова, со новите технологии се намалуваат техничките и комерцијалните загуби на електричната енергија. Ако некоја трансформаторска станица покажува необјаснива разлика во потрошувачка, системот веднаш алармира и овозможува локација на проблемот без непотребни теренски обиколки. Дополнително, броилата се опремени со сензори кои детектираат манипулации, како што се поставување магнет или насилно отворање, и веднаш испраќаат известување до надлежните служби.
Оттука, паметните броила не се само алатка за мерење, тие се клучна компонента во новите „паметни мрежи“. Овозможуваат интеграција на обновливи извори, поддршка за производители-потрошувачи, управување со складишта на енергија и полначи за електрични возила. Тие овозможуваат автоматизација, динамичко балансирање на мрежата и поефикасна распределба на електричната енергија. Всушност, без нив, невозможно е да се направи ефективен премин кон одржлива енергетика.
Системите со паметни броила се изградени со високо ниво на сајбер-безбедност, користејќи енкрипција и механизми за заштита од неовластен пристап. За корисниците, ова значи безбедност на личните податоци и доверба во системот. За дистрибутерите, тоа значи стабилност и сигурност во процесот на снабдување.
Од сето ова, може да се заклучи дека, паметните броила претставуваат темел на модерниот енергетски систем. Тие носат точност, ефикасност и транспарентност за домаќинствата, компаниите и дистрибутивните мрежи. Нивната масовна примена значи не само праведена пресметка на потрошената енергија, туку и огромен потенцијал за унапредување на целокупната енергетска инфраструктура во функција на зелена и дигитална иднина.
Енергетика 24