Rimac Nevera R официјално е прогласен за најбрзиот сериски електричен автомобил на светот, со нови рекордни перформанси кои ја поместуваат границата на она што е можно во електричната автомобилска индустрија.
На специјален тест, Nevera R постигна неверојатно време од 0 до 400 km/h за само 25,79 секунди, што е за 2,04 секунди побрзо од претходниот рекорд. Врвната брзина од 431,45 km/h (268,2 mph) ја втисна оваа машина во историјата, а забрзувањето од 0 до 60 mph за 1,66 секунди е уште еден показател за нејзината доминација. Со вкупно 24 официјално признати светски рекорди, Nevera R не е само автомобил, таа е технолошки подвиг.
„Кога ја претставивме оригиналната Nevera, многумина мислеа дека е достигнат врвот на перформансите кај хиперавтомобилите. Но со Nevera R, направивме уште еден голем чекор напред – побрзо, поефикасно и без да се жртвува удобноста и практичноста за секојдневна употреба“, изјави основачот и извршен директор на Rimac Group, Мате Римац.
Овој ексклузивен модел е опремен со нов аеродинамички пакет, кој вклучува фиксно задно крило и зголемен дифузор, што резултира со 15% повеќе потисна сила и 10% поефикасен проток на воздух. Новите Michelin Cup 2 гуми овозможуваат подобро држење во кривини и намалено подуправување, додека напредниот All-Wheel Torque Vectoring систем прецизно ја распоредува силата на сите четири тркала дури 100 пати во секунда.
Под хаубата се наоѓаат четири независни електромотори со вкупна моќност од 2.107 коњски сили, кои обезбедуваат извонредна контрола и забрзување без компромис.
Nevera R ќе се произведува во ограничена серија од само 40 примероци, со почетна цена од 2,3 милиони евра, правејќи ја не само најбрза, туку и една од најексклузивните електрични возила на пазарот.
Со Nevera R, Rimac уште еднаш го потврдува своето место на врвот на автомобилската иновација.
Извор: Poslovni.hr