Најголемиот дел од луѓето имаат полнач за телефон приклучен веднаш до креветот, кој никогаш не го исклучуваат од ѕидот, но дали тоа претставува ризик?
Колку полначи имате? Опкружени сме со електронски уреди што се полнат, мобилни телефони, лаптопи, паметни часовници, слушалки, електрични велосипеди и многу повеќе.
Можеби и вие имате полнач до креветот кој секогаш е приклучен, дури и кога не го користите. Истото важи и за полначот за лаптоп на вашето работно биро.
Но, дали оваа навика носи ризици? И постојат ли скриени трошоци од тоа што полначите постојано се приклучени?
Што се наоѓа во еден полнач?
Секако, не се сите полначи исти. Внатрешната структура се разликува во зависност од намената и потребната моќност, од многу едноставна до доста сложена.
Типичен полнач прима наизменичен напон (AC) од ѕидната приклучница и го претвора во нисковолтен еднонасочен напон (DC) погоден за батеријата на уредот.
За да ја разбереме разликата меѓу AC и DC, доволно е да ја следиме насоката на движење на електроните. Кај DC струја, електроните се движат во една насока и циркулираат низ колото. Кај AC, пак, тие се движат напред-назад, без да циркулираат.
Причината поради која и денес користиме и AC и DC струја потекнува од далечното ривалство меѓу Тома Едисон и Никола Тесла, кои се бореле чие решение ќе стане стандард.
Иако денес електричната енергија сè уште се произведува во AC форма, речиси сите модерни уреди и батерии работат на DC, поради што секој електричен уред има вграден AC–DC конвертор.
За оваа конверзија се потребни неколку компоненти: трансформатор, коло за преобразба, елементи за филтрирање на напонот и заштитни и регулаторни кола.
Полначите трошат струја и кога не полнат
„Вампирска енергија“, да, тоа постои. Полнач кој е приклучен постојано троши мала количина струја, дури и кога не е поврзан со уред. Дел од оваа енергија се користи за вклучување на заштитните и контролни кола, а остатокот се губи како топлина.
Кај еден мал полнач, оваа потрошувачка е занемарлива. Но ако ги собереме сите полначи во еден дом, телефони, лаптопи, звучници, таблети, со тек на време, загубената енергија може да биде значителна.
И не се само полначите, телевизорите и други уреди исто така трошат мала количина струја дури и кога се во мирување.
Во текот на една година, зависно од бројот на приклучени уреди, може да се потрошат неколку киловат часови.
Добрата вест е дека модерните полначи се дизајнирани за да ја минимизираат оваа потрошувачка. Имаат паметни компоненти кои ги држат во „спиење“ сè додека не се поврзе уред за полнење.
Постојат и други ризици
Со тек на време, полначите се трошат, особено кога мрежниот напон ќе се зголеми над нормалното. Електричната мрежа знае да биде непредвидлива и вакви осцилации се случуваат повремено.
Континуираната изложеност на вакви настани може да го скрати векот на полначите. Иако кај модерните уреди ова не треба да предизвикува грижа, сепак е ризично ако користите евтини, несертифицирани полначи. Тие често немаат доволно заштита и можат да претставуваат опасност од пожар.
Како правилно да се грижите за полначите?
Иако модерните полначи се генерално безбедни и трошат многу мала количина енергија, доколку не ви претставува проблем — исклучете ги кога не ги користите.
Ако забележите дека полначот станува потопол од вообичаено, испушта звук или има физички оштетувања, време е да го замените. И во никој случај не оставајте таков полнач приклучен.
Извор: Theconversation.com