Улогата на институционалната транспарентност во стабилизацијата на домашниот пазар на нафтени деривати во актуелниот геополитички контекст добива суштинско значење. Заострените тензии на Блискиот Исток и потенцијалните ризици по глобалните снабдувачки рути, особено околу Ормускиот Теснец, директно влијаат врз берзанските цени на суровата нафта и создаваат силни пазарни осцилации. Во такви околности, енергетската стабилност на мала и увозно зависна економија како македонската не зависи само од надворешните фактори, туку и од квалитетот на домашното институционално управување.
Одлуката на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да ја обелодени состојбата со државните нафтени резерви претставува стратешка интервенција во доменот на очекувањата. Во услови на неизвесност, најголемата опасност не е реалниот недостиг, туку перцепцијата за недостиг. т.н. „психолошки недостиг“ може да генерира панична побарувачка, што дополнително ги зголемува цените и создава вештачки притисок врз снабдувачкиот систем. Со јавно потврдена информација дека резервите се на оптимално ниво, институциите ја амортизираат оваа појава и го намалуваат просторот за шпекулативно однесување на пазарот.
Транспарентноста во овој случај функционира како инструмент на пазарна стабилност. Таа ѝ овозможува на Регулаторната комисија за енергетика да носи одлуки врз основа на реални параметри, берзански котации, транспортни трошоци, курсни разлики, наместо под притисок на зголемена и ирационална побарувачка. Дополнително, со тоа се испраќа сигнал до трговците и увозниците дека државата има капацитет да интервенира доколку се појави нарушување во снабдувањето.
Компаративниот преглед со соседните земји покажува дека македонскиот модел во моментот демонстрира релативна отпорност. Додека во Србија растот на цените е повисок и се контролира преку административно ограничување на маржите, а во Бугарија и Грција пазарот е поизложен на директните берзански шокови, во Македонија растот останува умерен. Ова укажува дека комбинацијата од навремена информација и функционални механизми за контрола има поголем стабилизациски ефект од исклучиво административни мерки или целосно препуштање на пазарната динамика.
Во вакви услови, државата располага со неколку конкретни инструменти кои може да се искористат за дополнително стабилизирање на пазарот. Првиот инструмент е флексибилна акцизна политика, привремено намалување или варијабилно прилагодување на акцизите во согласност со екстремните берзански движења, со цел да се амортизира шокот врз крајната цена. Втор инструмент е активирање на дел од стратешките резерви преку контролиран и временски ограничен пласман на пазарот, што испраќа јасен сигнал дека нема простор за шпекулативно задржување на количини.
Трет инструмент претставува воведување механизам за ценовен коридор, дефинирање горна и долна граница во рамки на која се дозволува слободно движење на цените, додека надвор од тие граници се активираат автоматски стабилизациски мерки. Четвртиот инструмент е засилен пазарен надзор преку координација меѓу регулаторот, царинските органи и пазарната инспекција, со цел да се спречи евентуално картелско однесување или неоправдано зголемување на трговските маржи.
Дополнително, финансиските инструменти како што се краткорочни кредитни линии за увозниците со државна гаранција можат да обезбедат ликвидност во услови на нагли ценовни скокови на меѓународните пазари. Паралелно, диверзификацијата на снабдувачките канали и долгорочните договори со фиксни или полуфиксни ценовни формули можат да ја намалат изложеноста на спот-пазарните турбуленции.
Умерениот раст на цените во Македонија во споредба со регионот може да се толкува како индикатор за функционален систем на рано предупредување и координација. Но, клучниот тест допрва може да следи. Во случај на долготраен конфликт и прекин на клучни транспортни коридори, предизвикот нема да биде само нивото на цената, туку физичката сигурност на испораката, особено ако увозот преку солунското пристаниште се соочи со индиректни последици од глобалните блокади.
Оттука, институционалната транспарентност не треба да се сфаќа како еднократна комуникациска мерка, туку како системска политика поддржана со конкретни фискални, регулаторни и пазарни инструменти. Само преку комбинација на јасна комуникација и активни економски механизми може да се зачува довербата и да се обезбеди долгорочна стабилност на енергетскиот сектор во услови на глобална неизвесност.
Енергетика 24
