Жените ја создаваат иднината на енергетиката и рударството: „Енергија на успехот“ во Скопје

Скопје. 8 март 2025 – Во Europe House Скопје се одржа настанот „Енергија на успехот: Таму каде што жените создаваат, иднината се менува“, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и министерката Сања Божиновска. Овој собир беше посветен на жените кои со својата сила и визија ја трансформираат енергетиката и рударството – сектори што долго време се сметаа за „машки“, но денес доживуваат промени предводени токму од жените.

„Жените не ја чекаат иднината – тие ја создаваат! Жените се сегашноста на енергетиката и рударството. Кога тие се вклучени во одлуките, стратегиите стануваат попаметни, а ресурсите се користат поефикасно. Ова не е само борба за признание, туку за конкретни резултати. Како министерка, мојата цел не е само да ги мотивирам жените да влезат во секторот, туку да создадам услови за нивен напредок“, истакна министерката Божиновска во своето обраќање.

Таа ги презентираше и конкретните мерки на Министерството за поддршка на жените, вклучувајќи програми за професионален развој, менторство и промоција на родов баланс во управувањето.

Реклама

На настанот присуствуваше и Рита Колумбија, постојана координаторка на ОН во Македонија и признат експерт за родова еднаквост. „Целта и одлучноста да им помогнам на жените во светот ме водеа напред. Како жена, добро знам кои се пречките пред нас. Клучно е да не одиме сами, туку да имаме поддршка од семејствата, опкружувањето и меѓусебно меѓу жените – да работиме тимски и да напредуваме заедно“, порача Колумбија, споделувајќи го своето лично искуство.

Настанот вклучуваше две панел-дискусии со над 50 жени-лидери од индустријата. Првиот панел, со учеснички како Катерина Новакова (Рудник САСА), Кристина Крстева (Рудник Бучим), Ана Мешко (АД ЕСМ), Кика Шпритова (Министерство за рударство) и Магдалена Даскалова (Сектор за обновливи извори), се фокусираше на разбивањето на бариерите, искуствата во секторот и напредокот во родовата еднаквост.

Вториот панел, со Соња Лепиткова (Македонско геолошко друштво), Александра Крколева (ФЕИТ), Симона Домазетовска (МЕПСО), Маја Аначкова (ЕСМ) и Валентина Старделова (МЕРМС), разговараше за клучните фактори за успех во кариерата, лидерските позиции, потребата од менторство и зголемувањето на женското учество во STEM професиите.

„За да изградиме заедница на жени во секторот, мора да инвестираме во менторство и да ги истакнеме успешните приказни. Тие се најсилната инспирација за младите девојки“, заклучија учесничките.

„Енергија на успехот“ не беше само прослава на достигнувањата, туку и повик за поголема инклузија и поддршка на жените во енергетиката и рударството. Настанот ја нагласи важноста од колективна заложба за родова еднаквост и охрабрување на младите девојки да ги изберат STEM професиите.

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални ресурси

„Вашите приказни се моќни, вашите достигнувања инспиративни, а вашите соништа остварливи. Продолжете да ги рушите бариерите и да инспирирате! Заедно можеме сè!“, порача министерката Божиновска на крајот.

Овој настан потврди дека жените не само што се дел од промените во енергетиката и рударството – тие се тие што ги предводат!

Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални ресурси

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement