Westinghouse планира 10 нови нуклеарни реактори во САД вредни 75 милијарди долари

Њујорк. 08 Јуни 2025 – Американската компанија Westinghouse Electric Company се подготвува да игра клучна улога во новата стратегија на САД за проширување на нуклеарната енергија, откако претседателот Доналд Трамп издаде извршна наредба со која се поттикнува изградба на десет нови големи нуклеарни реактори до 2030 година. Наредбата, објавена на 23 мај, поставува долгорочна цел: четирикратно зголемување на нуклеарните капацитети до 2050 година.

Според проценките на Министерството за енергетика на САД, изградбата на десет реактори би можела да чини околу 75 милијарди долари, без да се земат предвид евентуалните доцнења или зголемени трошоци. Истовремено, ова отвора простор за компаниите да аплицираат за федерални поддршки и стимулации, што дополнително ја загрева трката на пазарот.

Извршниот директор на Westinghouse, Дан Самнер, изјави дека компанијата е „уникатно позиционирана“ да го реализира овој план, благодарение на дозволениот дизајн на реакторот AP1000, постоечката добавувачка мрежа и искуството со изградба на два реактори во Џорџија.

Реклама

Имаме активен дијалог со администрацијата, вклучително и со канцеларијата за кредитни програми. Веруваме дека сите 10 реактори можеме да ги реализираме со моделот AP1000“, изјави Самнер.

Westinghouse, кој е во сопственост на Brookfield и Cameco, веќе има реактори во функција во САД и Кина, а дополнителни се градат или се под договор во Полска, Украина, Бугарија и повторно Кина.

Со оглед на растечките геополитички тензии, рускиот Росатом и кинескиот CGNPG не се опција за договори во САД. GE Vernova, која има заедничко вложување со Hitachi, се фокусира на мали модуларни реактори (SMR) и нема изградено голем реактор со децении. Францускиот EDF се повлече од американскиот пазар пред речиси 10 години, а јужнокорејскиот Kepco сè уште нема изградено реактор во САД.

И покрај тоа, експертите предупредуваат дека проектот е амбициозен. Адам Стајн од Институтот Breakthrough вели дека пазарната структура не обезбедува гаранција за враќање на инвестицијата, што ги прави проектите финансиски ризични.

„Извршната наредба не е обврска. Уште е до локалните комунални претпријатија и државните регулатори да одобрат вакви вложувања“, нагласи тој.

Од друга страна, додека Westinghouse се надева на големи реактори, производителите на SMR технологијата се подготвуваат за директна конкуренција. Компанијата NuScale тврди дека може да испорача речиси иста енергетска моќност (924MW) со 12 мали реактори. Holtec International, пак, со реактори од 320MW, планира да понуди поедноставен и поевтин модел за изградба и одржување.

Планот на администрацијата на Трамп може да биде пресвртница за атомската индустрија во САД, но неговата реализација ќе зависи од неколку фактори: финансирање, регулаторна поддршка, пазарна логика и доверба од страна на инвеститорите и јавноста.

Дали оваа амбициозна програма ќе ја оживее ерата на големите нуклеарни постројки во САД или пак, ќе се покаже како премногу ризична инвестиција во новата енергетска реалност – останува да се види.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement