Владата најавува пониски сметки за струја и прв енергетски суфицит во земјава

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата работи на нов модел за снабдување со електрична енергија, со кој од следната година граѓаните би можеле да добијат пониски сметки за струја за од 5 до 10%.

Одговарајќи на новинарски прашања денес во Виница, Мицкоски рече дека во текот на оваа или следната недела ќе се одржи состанок меѓу Владата, „ЕВН Хоум“ и државната компанија ЕСМ, на кој ќе се разгледува новото потрошувачко портфолио и начинот на набавка на електрична енергија.

„Така што ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори, за да можат тие на крајот од годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи ќе биде во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5 проценти, а можеби и повеќе, пониска цена на електричната енергија“, изјави Мицкоски.

РЕКЛАМА

Според него, планот е во производниот микс повеќе да се искористат обновливите извори на енергија, особено сончевата енергија, со цел да се обезбеди пониска просечна цена на струјата во текот на целата година.

Премиерот посочи дека Владата има амбиција Македонија до крајот на годината првпат да стане нето-извозник на електрична енергија. Тој нагласи дека ЕСМ бележи стабилизација и очекува компанијата да премине од загуба во добивка.

„Мислам дека тоа ќе го постигнеме, добро е и што државната ЕСМ се консолидира и во првиот квартал или да бидам попрецизен, очекувам во првата половина од годината да имаме за првпат позитивни резултати. Од оние 150 милиони евра загуба што ги наследивме, мојата прогноза е меѓу шест-седум милиони добивка, ќе видиме“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека хидроакумулациите во земјава се значително подобрени и дека во моментов се исполнети околу 80%, за разлика од минатата година кога нивото било околу седум проценти. Според него, тоа овозможува стабилно снабдување со вода за наводнување без рестрикции.

Осврнувајќи се на проектите за обновливи извори, Мицкоски информираше дека веќе се реализираат активности за изградба на ветерен парк во општините Радовиш, Штип и Карбинци, инвестиција вредна околу половина милијарда долари. Најави и можност за уште еден сличен проект во североисточниот дел на државата.

Во однос на соларните електрани, премиерот упати критики кон претходната власт, оценувајќи дека дел од проектите биле поставени на квалитетно земјоделско земјиште. Според него, Владата подготвила законски измени со кои во иднина вакви енергетски проекти нема да можат да се градат на земјиште од прва до четврта категорија.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил