Скопје, 17 јули 2026 – Владата на денешната седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати до 20 октомври годинава.
Со измената на претходната одлука, кризната состојба, која истекува на 20 јули, се продолжува за периодот од 21 јули до 20 октомври, со цел да се обезбеди континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари.
Од Владата соопштија дека продолжувањето на кризната состојба овозможува државата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството.
Воедно, Владата најави дека и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и меѓународниот енергетски пазар и, доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки за обезбедување сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати.
По усогласување во рамки на владините процедури, одлуката ќе биде доставена до Собранието на разгледување и донесување, согласно законските надлежности.
Извро: Vlada.MK
