Производството на електрична енергија од хидроцентралите во Турција достигна рекордно ниво во 2026 година, со што земјата избегнала увоз на природен гас во вредност од речиси пет милијарди долари, изјави претседателката на Здружението на индустријалци на хидроелектрани (HESİAD), Елван Тугсуз Гувен.
Во изјава за емисијата „Energy Terminal“ на турската новинска агенција Анадолија, Гувен оцени дека 2026 година е исклучително успешна за хидроенергетскиот сектор, благодарение на поволните врнежи, снежната покривка и подобрените подземни води по минатогодишната суша.
Според неа, хидроелектраните, со инсталиран капацитет од 32.314 мегавати од вкупно 125.800 мегавати во турскиот електроенергетски систем, во првата половина од годината обезбедиле 33,8% од вкупното производство на електрична енергија, што ја потврдува нивната клучна улога за енергетската безбедност на земјата.
Гувен истакна дека високото производство значително придонело и за намалување на енергетската зависност од увоз.
„Во првите шест месеци, кога енергетската и нафтената криза беа во фокусот, хидроенергијата создаде огромна вредност за Турција. Проценуваме дека произведената електрична енергија заменила увоз на природен гас во вредност од околу пет милијарди долари“, рече таа.
Таа потсети дека Турција во изминатите две децении инвестирала околу 80 милијарди долари во развој на хидроенергетски капацитети, со што денес е меѓу десетте водечки земји во светот и втора во Европа според инсталирана хидроенергетска моќност.
Според Гувен, рекордното производство помогнало да се ублажат последиците од растот на цените на нафтата, природниот гас и течниот природен гас (ЛНГ) за време на конфликтот меѓу Иран и Израел. Сепак, таа предупреди дека ниските цени на електричната енергија на пазарот и натаму претставуваат предизвик за финансиската одржливост на хидроелектраните, и покрај зголеменото производство.
Како еден од најголемите предизвици, Гувен ги посочи климатските промени, нагласувајќи ја потребата од поголема примена на вештачка интелигенција, дигитализација и паметно управување со водните ресурси.
Таа оцени дека натамошниот развој на обновливите извори на енергија мора да биде проследен со инвестиции во инфраструктура што ќе обезбеди поголема флексибилност и стабилност на електроенергетскиот систем.
„Успешната енергетска транзиција ќе биде можна само ако соларната, ветерната и хидроенергијата, заедно со системите за складирање и електроенергетската мрежа, се развиваат како комплементарни, а не како конкурентни технологии“, изјави Гувен, додавајќи дека хидроенергијата е еден од клучните столбови за остварување на целта на Турција за нето-нулта емисија на јаглерод до 2053 година.
Извор: Aa.com.tr
