Хакан Фидан најави проширување на гасните коридори и инвестиции во зелена енергија
Турција сака да го прошири енергетското партнерство со Бугарија преку нов сеопфатен договор што ќе опфати зголемување на капацитетите за транспорт на природен гас, нови прекугранични интерконектори и развој на регионални зелени енергетски коридори, најави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во обемно интервју за БТА во пресрет на неговата посета на Софија реализирана во текот на вчерашниот ден.
Во интервјуто, Фидан испрати јасна порака дека Анкара ја гледа Бугарија како клучен енергетски и логистички партнер на Балканот, но и како важна транзитна точка за снабдување на Источна Европа со природен гас и електрична енергија.
Посебен акцент во разговорот беше ставен на договорот меѓу турската државна компанија „Боташ“ и бугарски „Булгаргаз“, кој во последните години предизвикува политички и економски дебати во Бугарија. Според Фидан, договорот бил потпишан во исклучително чувствителен период, кога Софија се соочувала со сериозен ризик од прекин на снабдувањето по намалувањето на увозот на руски гас.
„Бугарија тогаш бараше алтернативни извори на снабдување, а Турција ја презеде одговорноста да му помогне на својот сосед и НАТО-сојузник. Тоа беше стратешки чекор за гарантирање на енергетската сигурност“, истакна Фидан.
Тој нагласи дека договорот не треба да се гледа само како билатерален комерцијален аранжман, туку како инфраструктурен проект со пошироко европско значење, бидејќи овозможува дополнителни рути за снабдување на регионот со природен гас преку турската енергетска мрежа и ЛНГ терминалите.
Според Фидан, Анкара и Софија веќе водат разговори за ревидирање на постојниот договор во согласност со новите пазарни услови, при што целта е создавање „сеопфатен договор за енергетска соработка“ кој ќе биде долгорочно одржлив и економски исплатлив за двете страни.
„Нашата цел е да изградиме нов модел на енергетска соработка што ќе вклучува зголемување на капацитетите за транспорт на природен гас и дополнително поврзување на инфраструктурата меѓу Турција и Бугарија“, рече шефот на турската дипломатија.
Фидан предупреди дека постојниот капацитет за транспорт на гас од Турција кон Бугарија веќе не ги задоволува растечките потреби на регионот, особено во услови кога Украина и повеќе држави од Источна Европа бараат алтернативни извори на снабдување.
„Сегашниот капацитет не е доволен за дополнителните количини што се бараат преку Бугарија. Свесни сме дека се потребни нови инвестиции на бугарска страна и Турција е подготвена да работи заедно за тие проекти да станат реалност“, изјави тој.
Покрај гасниот сектор, турскиот министер откри дека двете земји разговараат и за стратешки проекти во електроенергетиката, вклучително и иницијатива за пренос и трговија со зелена енергија меѓу Турција, Бугарија, Азербејџан и Грузија.
Според него, проектот треба да создаде нов енергетски коридор меѓу Кавказот, Црното Море и Европа, а во наредниот период ќе започнат анализи за техничката и економската изводливост.
„Придаваме големо значење на проектот за зелена енергија и сакаме што побрзо да ги завршиме студиите за изводливост за да може да се премине во фаза на реализација“, нагласи Фидан.
Тој најави и планови за значително зголемување на прекуграничниот капацитет за пренос на електрична енергија меѓу Турција и Бугарија преку изградба на нови интерконектори, со што трансферниот капацитет би се зголемил за дополнителни 700 до 1100 мегавати.
Покрај енергетиката, Анкара ја гледа Бугарија како клучен дел од новите транспортни и логистички коридори што Турција ги развива меѓу Европа и Азија. Фидан посочи дека Транскаспискиот среден коридор и проектот „Пат на развојот“ од Ирак кон Турција стануваат сè поважни за глобалната трговија и безбедноста на синџирите на снабдување.
„Бугарија е вратата кон европските пазари и затоа тесната соработка во царините, граничната инфраструктура и транспортната поврзаност е од суштинско значење“, рече тој.
Во таа насока, Турција и Бугарија планираат модернизација и проширување на граничните премини, отворање нови гранични точки, дигитализација на царинските процедури и изградба на нова железничка инфраструктура, вклучително и втора железничка линија меѓу двете земји.
Фидан оцени дека стабилна и политички консолидирана влада во Софија е клучна за реализација на долгорочните енергетски и инфраструктурни проекти на Балканот.
„Силна влада во Софија е од витално значење не само за економскиот развој на Бугарија, туку и за стабилноста на Балканот и иднината на нашите заеднички стратешки проекти во енергетиката, логистиката и безбедноста“, порача турскиот министер.
Извор: BTA.bg
