Трамп го демантира Крис Рајт: Горивата ќе поевтинат порано од следната година

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не се согласува со проценката на министерот за енергетика Крис Рајт дека цените на бензинот во САД можеби нема да паднат под 3 долари за галон до следната година.

„Не, мислам дека греши во врска со тоа. Целосно греши“, изјавил Трамп во телефонско интервју за The Hill, коментирајќи ги ставовите на својот министер.

На прашањето кога очекува цените да се намалат, Трамп одговорил: „Штом ова заврши“, алудирајќи на конфликтот со Иран.

РЕКЛАМА

Рајт претходно за CNN изјави дека цените можеби нема да паднат под 3 долари до следната година, поради ограничувањата во транспортот низ Ормускиот Теснец.

„Тоа може да се случи подоцна оваа година, а можеби и дури следната година“, рекол Рајт, додавајќи дека цените веројатно веќе го достигнале врвот и наскоро ќе почнат да паѓаат.

Не мислам дека Крис Рајт греши. Мислам дека целосно греши!
Доналд Трамп

Неговите изјави се разликуваат од ставот на министерот за финансии Скот Бесент, кој минатата недела прогнозираше дека цените на бензинот би можеле да достигнат ниво од 3 долари уште ова лето.

Глобалниот нафтен пазар е под силен притисок поради ограничувањата на Иран во Ормускиот Теснец, што доведе до раст на цените на горивата во САД на повеќе од 4 долари за галон, првпат од 2022 година.

Според Американската автомобилска асоцијација (AAA), просечната цена на бензинот во САД во понеделникот изнесувала 4 долари за галон.

Во меѓувреме, цените на нафтата дополнително пораснаа по запленувањето на ирански брод од страна на САД во близина на Ормускиот Теснец. Нафтата Брент достигна околу 94 долари за барел, додека американската WTI се искачи на приближно 88 долари за барел.

Трамп исто така изјави дека американската блокада на иранските пристаништа има силно влијание врз Техеран.

„Блокадата е многу моќна, многу силна. Тие губат 500 милиони долари дневно поради блокадата“, според Трамп. „Ние ја контролираме. Тие не ја контролираат.“

Во меѓувреме, потпретседателот Џеј Ди Венс треба да ја предводи американската делегација во Исламабад на разговори со пакистански и ирански претставници, иако иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека сè уште нема донесено одлука за евентуални преговори со САД.

Извор: TheHill.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил