Претставници на Светска банка, АД ЕСМ и раководството на Подружница РЕК Битола во текот на вчерашниот ден одржаа работна средба во Комбинатот посветена на подготовките за реализација на проектот за новата когенеративна централа „РЕК Битола 1“, која се смета за една од најзначајните енергетски инвестиции во земјава во наредниот период.
За подготовка на проектот е обезбеден грант во вредност од 2,4 милиони американски долари од Светска банка, средства што ќе бидат наменети за спроведување на неопходните подготвителни активности пред почетокот на изградбата на централата и проширувањето на топловодната мрежа во Битола.
Инаку, грантот треба да овозможи изработка на клучни технички и стратешки студии, како и ангажирање на меѓународни консултанти, со цел проектот да биде реализиран во согласност со највисоките светски стандарди.
Во рамки на работната посета беше разгледана и најсоодветната локација за изградба на идниот објект. Учесниците анализираа повеќе технички аспекти поврзани со приклучувањето на новата централа кон електроенергетската и топлификациската инфраструктура, а беше реализирана и теренска обиколка на потенцијалните локации.
Инвестицијата во „РЕК Битола 1“ е проценета на повеќе од 200 милиони евра. Со изградбата на современата когенеративна централа се очекува значително подобрување на ефикасноста во производството на електрична и топлинска енергија, намалување на штетните емисии и подобрување на квалитетот на воздухот во регионот.
Дополнително, проектот треба да придонесе за поголема енергетска сигурност и стабилност во снабдувањето со енергија за граѓаните и стопанството, како и за забрзување на процесот на енергетска транзиција во државата.
Од АД ЕСМ оценуваат дека „РЕК Битола 1“ претставува важен чекор во трансформацијата на македонскиот енергетски сектор и дел од долгорочната стратегија за развој на зелени, чисти и одржливи извори на енергија.
Енергетика 24
