Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во својот најнов годишен извештај „Global Energy Review 2026“, објавен денеска, наведува дека сончевата енергија во 2025 година за првпат станала најголем поединечен извор на растот на глобалното снабдување со енергија.
Според извештајот, сончевите фотоволтаични системи обезбедиле повеќе од 25% од вкупниот раст на светската енергетска побарувачка, што претставува историски пресврт – првпат модерен обновлив извор да биде водечки фактор во глобалниот енергетски раст. Веднаш зад сончевата енергија е природниот гас со удел од 17%.
ИЕА оценува дека ова е јасен показател за забрзаната трансформација на светскиот енергетски сектор, каде електрификацијата и чистите извори добиваат сè поголемо значење.
Во извештајот се наведува дека вкупната светска побарувачка за енергија во 2025 година пораснала за 1,3%, што е под просекот од претходната деценија и значително поспоро отколку во 2024 година. Како причини за забавувањето се посочуваат послабиот економски раст, поблаги временски услови во дел од светот и побрза примена на енергетски поефикасни технологии.
Истовремено, побарувачката за електрична енергија пораснала за околу 3% повеќе од двојно побрзо од вкупната енергетска побарувачка. Според ИЕА, растот бил поттикнат од индустријата, зградите, дигиталната инфраструктура, како и од брзото ширење на електричните возила.
Извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, изјави дека трендот е недвосмислен и дека светот влегува во „ера на електрична енергија“.
„Потрошувачката на електрична енергија расте многу побрзо од вкупната побарувачка за енергија, а сончевата енергија расте побрзо од кој било друг извор“, посочи Бирол.
Извештајот покажува дека обновливите извори и нуклеарната енергија заедно обезбедиле речиси 60% од растот на глобалната побарувачка во 2025 година.
Во делот за емисиите, ИЕА наведува дека глобалните емисии на јаглерод диоксид поврзани со енергетиката пораснале за 0,4%, што е умерен раст. Кина забележала намалување на емисиите поради силен раст на обновливите извори, додека Индија останала на исто ниво за првпат од 1970-тите.
Во извештајот се нотира и рекордно темпо на инвестиции во чиста енергија. Во 2025 година биле додадени 800 гигавати нови обновливи капацитети, од кои три четвртини се сончеви електрани, додека батериското складирање било најбрзорастечка технологија во електроенергетскиот сектор.
ИЕА оценува дека земјите кои ќе инвестираат во диверзификација, отпорност и сигурно снабдување ќе бидат најподготвени да се справат со идните ценовни и геополитички ризици.

Извор: IEA.org
