Шел: Светската трговија со ЛНГ ќе стагнира во 2026, но побарувачката силно ќе расте до 2050 година

Глобалната трговија со течен природен гас (ЛНГ) годинава најверојатно ќе стагнира поради нарушувањата во транспортот низ Ормускиот Теснец, предизвикани од конфликтот меѓу Иран и САД, но растот се очекува да продолжи во 2027 година, оценува енергетската компанија „Шел“ во својот најнов годишен извештај за пазарот на ЛНГ.

Според компанијата, конфликтот во регионот привремено прекинал околу една петтина од глобалните месечни испораки на течен природен гас, што значително влијаело врз светскиот пазар. Во 2025 година глобалната трговија со ЛНГ достигна 422 милиони тони, а претходните прогнози предвидуваа дополнителен раст и во 2026 година.

И покрај краткорочните предизвици, „Шел“ прогнозира дека глобалната побарувачка за LNG до 2050 година ќе порасне за околу 65% и ќе достигне речиси 700 милиони тони годишно. Главен двигател на овој раст ќе биде Азија, каде државите сè повеќе го заменуваат јагленот со природен гас во обид да ги намалат емисиите на јаглерод, додека дополнителен раст на потрошувачката ќе создаваат и центрите за обработка на податоци.

РЕКЛАМА

„Конфликтот предизвика сериозен потрес во целиот систем, но индустријата за ЛНГ покажа отпорност и способност брзо да се приспособи на променетите пазарни услови“, изјави Седерик Кремерс, претседател на секторот за интегриран гас во „Шел“.

Компанијата оценува дека пазарот успеал да го ублажи ударот благодарение на новите капацитети за производство и регасификација, особено во Северна Америка, подобрената ефикасност на постојните постројки и намалената побарувачка во делови од Азија.

Податоците покажуваат дека увозот на ЛНГ во Азија во првата половина од годинава е намален за речиси четири проценти во споредба со истиот период лани. Најголем пад се очекува во Кина, која и натаму останува најголем светски увозник на течен природен гас, но високите цени ја намалуваат побарувачката.

За време на кризата на Блискиот Исток, спот-цените на ЛНГ во Азија накратко надминаа 20 долари за милион британски термални единици (mmBtu), но останаа значително под рекордните нивоа достигнати по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Во моментов тие се движат околу 15,35 долари за mmBtu, што е најниско ниво во последните четири месеци.

„Шел“ очекува до 2030 година на пазарот да се појават околу 180 милиони тони нови годишни производствени капацитети, што ќе ја подобри достапноста на природниот гас и ќе отвори нови пазари.

Најголем двигател на идната побарувачка ќе бидат Јужна и Југоисточна Азија, кои до 2050 година ќе учествуваат со околу 40 проценти од глобалниот увоз на ЛНГ. Истовремено, Европа ќе продолжи да се потпира на течниот природен гас како важен елемент за енергетската безбедност, особено поради намаленото домашно производство и потребата од балансирање на производството од обновливите извори на енергија.

Во извештајот се нагласува дека за задоволување на идната побарувачка ќе бидат неопходни значителни нови инвестиции во ЛНГ-проекти во текот на следните две децении. Според проценките на „Шел“, покрај капацитетите што веќе се градат, ќе бидат потребни уште околу 200 милиони тони ново годишно производство во 2030-тите и 2040-тите години.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил