Околу 60% од домовите во Грција имаат итна потреба од енергетска обнова поради недостиг од изолација и соодветна инфраструктура, покажува извештај на грчката Alpha Bank.
Според анализата, повеќе од половина од станбениот фонд во земјата е изграден пред 1980 година, при што 35,7% од домовите датираат од 1960-тите и 1970-тите години. Воедно, само 2,6% од објектите се изградени по 2010 година, што се поврзува со недостигот од инвестиции за време на должничката криза.
Се проценува дека се потребни десетици милијарди евра за постепена енергетска и функционална модернизација на најмалку три милиони домови. Најголеми потреби има во јужниот дел од земјата, каде 60% од домовите во регионот на Атика бараат интервенции. На островите тој удел достигнува 66%, додека во северна Грција изнесува 58%.
И покрај тоа, само 20% од сопствениците на недвижности изјавиле дека користеле некоја од програмите за енергетска обнова, делумно финансирани од Европската Унија. Причините не се во недостиг на интерес, туку во финансиски ограничувања и недоволен опфат на постојните програми.
Како пример се наведува програмата „Exikonomo“, која започна во април 2025 година, но аплицирањето беше овозможено дури во декември. Иако буџетот на програмата е повеќе од двојно зголемен и изнесува 924 милиони евра, постојат процени дека дел од средствата од европскиот Фонд за закрепнување може да останат неискористени поради кратките рокови.
Членот на управниот одбор на здружението на сопственици на недвижности POMIDA, Манос Кранидис, предупреди дека значителните доцнења во исплатата на субвенциите ги принудуваат сопствениците да вложуваат повеќе сопствени средства, особено поради растот на цените на материјалите и работната сила. Според него, ограничените буџети и бројот на одобрени проекти го намалуваат реалниот ефект од овие мерки.
Извор: Ekathimerini.com
