Потрошувачката на електрична енергија во САД, која во 2025 година го достигна вториот последователен рекорден максимум, ќе продолжи да расте и во 2026 и 2027 година, соопшти американската Администрација за енергетски информации (EIA) во најновиот Краткорочен енергетски извештај.
Според проекциите на EIA, побарувачката ќе се зголеми од рекордните 4.195 милијарди киловат-часови (kWh) во 2025 година на 4.268 милијарди kWh во 2026 година и 4.372 милијарди kWh во 2027 година.
Растот на потрошувачката се должи пред сè на зголемената употреба на дата центри поврзани со вештачка интелигенција и криптовалути, како и на засилената електрификација на греењето и транспортот во домаќинствата и деловниот сектор.
EIA прогнозира дека продажбата на електрична енергија во 2026 година ќе достигне 1.541 милијарда kWh кај домаќинствата, 1.520 милијарди kWh кај комерцијалните потрошувачи и 1.063 милијарди kWh во индустријата. За споредба, досегашните рекорди изнесуваат 1.517 милијарди kWh кај домаќинствата (2025), 1.486 милијарди kWh кај комерцијалните потрошувачи (2025) и 1.064 милијарди kWh во индустријата (2000).
Во однос на производството, уделот на природниот гас ќе остане на 40% во 2025 и 2026 година, пред да се намали на 39% во 2027 година. Учеството на јагленот ќе опаѓа од 17% во 2025 година на 16% во 2026 и 15% во 2027 година.
Од друга страна, обновливите извори ќе го зголемат својот удел од околу 24% во 2025 година на 25% во 2026 и 27% во 2027 година, додека нуклеарната енергија ќе задржи стабилно учество од 18% во целиот период.
EIA очекува продажбата на природен гас во 2026 година да остане стабилна кај домаќинствата на 13,1 милијарда кубни стапки дневно, благо да се намали кај комерцијалните потрошувачи на 9,7 милијарди, и кај индустријата на 23,3 милијарди кубни стапки дневно, додека потрошувачката за производство на електрична енергија ќе порасне на 36,2 милијарди кубни стапки дневно.
Извор: Eia.gov
