САД го продолжија рокот за продажба на рускиот удел во НИС до март 2026

Белград. 24 декември 2025 – Канцеларијата за контрола на странска имотна сопственост при Министерството за финансии на САД (ОФАК) ѝ издаде лиценца на Нафтната индустрија на Србија (НИС) со која рокот за преговори за продажба на рускиот мнозински удел во компанијата се продолжува до 24 март 2026 година.

Како што објави Радио-телевизија Србија, лиценцата не ѝ дозволува на НИС редовно работење за време на преговорите за пронаоѓање нов мнозински сопственик.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека продолжувањето на рокот „ништо не значи“ за Србија, нагласувајќи дека клучно прашање е обезбедувањето на нафтени деривати. Поради американските санкции, Србија, според него, е принудена секојдневно да увезува големи количини гориво, а проблемот со енергетското снабдување мора итно да се реши.

РЕКЛАМА

Рафинеријата во Панчево, единствена во земјата и клучен капацитет на НИС, беше затворена на 2 декември поради неможност за увоз на сурова нафта.

САД воведоа санкции кон НИС на 9 октомври со цел да се спречи Русија да ги користи енергетските приходи за војната во Украина. Услов за укинување на ембаргото е компанијата да се ослободи од руското сопствеништво.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „Газпром Њефт“ инвестирал повеќе од три милијарди долари во НИС и дека со Србија се води дијалог за решавање на прашањето. Во изминатите месеци, како потенцијални купувачи се спомнуваа унгарската МОЛ и ADNOC од Обединетите Арапски Емирати.

НИС беше продадена на „Гаспром“ во јануари 2008 година за 400 милиони евра. Србија останува енергетски зависна од Русија, бидејќи НИС обезбедува околу 80% од српскиот пазар на нафтени деривати, а ист процент од природниот гас земјата го увезува од Русија.

Извор: Rts.rs

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба