Москва. 19 февруари 2026 – Приходите на Русија од нафта и гас во февруари се очекува да паднат речиси за половина во однос на истиот месец минатата година, достигнувајќи околу 410 милијарди рубљи (5,35 милијарди долари), покажуваат пресметките на агенцијата Ројтерс.
Станува збор за значителен годишен пад, предизвикан од комбинацијата на посилна рубља и пониски светски цени на нафтата, два фактори што директно го намалуваат износот што државата го инкасира од извозот на енергенси. Анализата се темели на податоци за производството на нафта и гас, преработката во рафинериите, како и испораките на домашниот и странските пазари.
Нафтата и гасот се клучен извор на средства за федералниот буџет на Русија, со учество од повеќе од 20% во вкупните приходи на државата. Нивната важност дополнително порасна од почетокот на воената агресија врз Украина во 2022 година, кога трошоците за одбрана и безбедност значително се зголемија и вршат силен притисок врз јавните финансии.
Според проценките, вкупните приходи од нафта и гас во периодот јануари–февруари ќе изнесуваат околу 800 милијарди рубљи, што е речиси двојно помалку од 1,56 трилиони рубљи во истиот период лани. Овој тренд сигнализира продлабочување на фискалните предизвици во првите месеци од годината.
И покрај остриот пад на годишно ниво, во споредба со јануари се очекува умерено зголемување на приходите од 3,1%. Причината е механизмот познат како „дампер“, односно субвенција што државата им ја исплаќа на рафинериите за да ги стабилизира домашните цени на горивата.
Но, поради актуелните ценовни услови, овој месец нафтените компании ќе треба да уплатат околу 42 милијарди рубљи назад во буџетот, што дополнително го ограничува позитивниот ефект од субвенцијата и ја намалува профитабилноста на извозот.
Инаку, руските власти проектираат дека годинава ќе остварат 8,92 трилиони рубљи приходи од продажба на нафта и гас, додека вкупните буџетски приходи за 2026 година се планирани на 40,283 трилиони рубљи. Сепак, минатата година приходите од овој сектор се намалија за 24% и изнесуваа 8,48 трилиони рубљи, што е најниско ниво од 2020 година наваму.
Со оглед на зависноста на буџетот од енергетскиот сектор, понатамошните движења на светските цени на нафтата и курсот на рубљата ќе бидат одлучувачки за тоа дали Москва ќе успее да ги исполни фискалните цели без дополнително задолжување или кратење на расходите.
Извор: Ројтерс
