Брисел. 24 февруари 2026 – Европската комисија на 15 април годинава ќе поднесе законски предлог за трајна забрана на увозот на руска нафта, три дена по парламентарните избори во Унгарија, покажува документ во кој увид имал Ројтерс.
Според двајца претставници на ЕУ, тајмингот е избран за да се избегне влијанието на мерката врз изборната кампања во Унгарија. Унгарија и Словачка, кои сè уште зависат од руската нафта, силно се спротивставуваат на каква било забрана.
ЕУ веќе воведе санкции за увоз на руска нафта што се транспортира по морски пат, но сега има намера целосното укинување на увозот да го вгради во законска рамка што би останала во сила дури и во случај на мировен договор во војната во Украина и евентуално олеснување на санкциите.
Нацрт-агендата на Комисијата предвидува предлогот да биде објавен на 15 април. Портпаролот на Комисијата изјави дека агендите се привремени и дека сè уште нема потврден рок за поднесување на предлогот.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка преку нафтоводот Дружба беа прекинати од 27 јануари, откако Киев соопшти дека руски дрон погодил опрема на западот од Украина. Будимпешта и Братислава ја обвинуваат Украина за продолжениот прекин, додека Киев тврди дека работи на санација на штетата.
Владата на Орбан, која одржува блиски односи со Москва од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, претходно стави вето на новите санкции на ЕУ кон Русија, како и на голем заем за Киев, поради спорот околу „Дружба“.
Се очекува ЕУ да се обиде да ги заобиколи можните блокади од Унгарија и Словачка преку механизам што овозможува одлуката да биде усвоена со квалификувано мнозинство земји-членки.
Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен изјави дека предлогот предвидува постепено укинување на увозот на руска нафта најдоцна до крајот на 2027 година.
До последниот квартал од минатата година, ЕУ увезуваше околу 1% од нафтата од Русија, главно поради претходно воведените санкции за поморски транспорт. Минатиот месец Унијата усвои и закон за целосно укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027 година, мерка што Унгарија и Словачка најавија дека ќе ја оспорат пред суд.
Извор: Ројтерс
