РКЕ и Управниот суд воведуваат дигитална комуникација преку платформата ЕПУС

Скопје. 22 април 2026 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Управниот суд на Република Македонија ќе воспостават електронска поврзаност преку софтверската платформа ЕПУС, согласно Меморандумот за соработка потпишан од претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, и в.д. претседателот на Судот, Бурим Сејдини.

Платформата е дизајнирана да овозможи брза, безбедна и ефикасна електронска комуникација, со навремена размена на акти и предмети во постапките по управни спорови.

„Со воспоставувањето на електронска комуникација ќе се поедностават и забрзаат постапките, што ќе овозможи поефикасно и поекономично работење, како и ефективна размена на документи меѓу институциите“, изјави Ристов.

РЕКЛАМА

Имплементацијата ќе се реализира во неколку фази – од обезбедување технички предуслови, преку тестирање, до постепено воведување во редовна употреба.

Според Сејдини, придобивките се повеќекратни: зголемена ефикасност, намалени административни трошоци, подобра координација и повисоко ниво на транспарентност и сигурност. Тој истакна дека платформата веќе ја користат 72 физички и правни лица, а Судот има склучено вкупно 17 меморандуми за соработка со јавни институции и локални самоуправи.

Според податоците на РКЕ, во 2025 година биле поднесени 70 тужби пред Управниот суд, од кои 42 се отфрлени или одбиени како неосновани, две се усвоени, додека за преостанатите 26 постапките продолжуваат и во тековната година.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил