РКЕ: Горивата повторно поскапуваат – дизелот за 4,5, бензините за 3 денари

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука со која од 28 јули 2026 година од 00:01 часот максималните малопродажни цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 4,55% во однос на претходната одлука.

Најголемо поскапување има кај екстра лесното масло за домаќинство, чија цена се зголемува за 5 денари по литар, додека дизелот поскапува за 4,5 денари по литар. Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за 3 денари по литар, а мазутот за 2,726 денари по килограм.

Според новата одлука на РКЕ, максималните цени ќе изнесуваат:

РЕКЛАМА

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 93,00 денари/литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 95,00 денари/литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 98,50 денари/литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 98,00 денари/литар
  • Мазут М-1 НС – 48,099 денари/килограм

Со ова, во последните две недели горивата достигнаа двоцифрен раст. Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98 поскапеа вкупно за 6 денари по литар, односно за околу 6,9% и 6,7%, соодветно. Најголем раст бележи дизелот, кој за само две недели поскапе за 10,5 денари по литар или околу 11,9%, достигнувајќи цена од 98,5 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство поскапе за 12 денари по литар, што претставува раст од околу 14%, додека цената на мазутот е повисока за 5,931 денар по килограм, односно за околу 14,1% во споредба со цените што важеа пред две недели.

Од РКЕ информираат дека новото зголемување на цените е резултат на растот на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари. Во споредба со претходната пресметка, цените се повисоки за 6,229% кај бензините, 7,442% кај дизелот, 8,051% кај екстра лесното масло и 8,159% кај мазутот.

Во исто време, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,0397%, што исто така влијаеше врз конечната пресметка на малопродажните цени.

РКЕ потсетува дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, а трговците на големо и мало со нафтени деривати можат да ги формираат цените и на пониско ниво, во зависност од нивната деловна политика.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил