Скопје, 23 мај 2025 — Над 8.800 носители на лиценци за вршење енергетски дејности, како и околу 150 носители на лиценци за пробна работа, мора да поднесат Барање за промена на лиценца до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во рок од еден месец — од 29 мај до 30 јуни. Оваа обврска произлегува од новиот Закон за енергетика, а непостапувањето во предвидениот рок ќе резултира со автоматски престанок на важноста на лиценците.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, денеска информираше дека поднесувањето на барањето е бесплатно и дека целта на оваа мерка е вметнување на новите законски одредби во постојните лиценци.
„Ако носителите не ги достават барањата, нивните лиценци ќе престанат. Ние преку нашиот мониторинг систем и на сите доставени електронски адреси ќе ги известиме сите лиценцирани субјекти. Очекувам сите да си ги завршат овие обврски“, истакна Бислимовски.
Барањето може да се поднесе:
- Во архивата на РКЕ,
- По електронска пошта на erc@erc.org.mk,
- Или по пошта, со приложен доказ за датумот на испраќање испратен на истата електронска адреса.
Формуларот за промена може да се преземе од веб-страницата на РКЕ или директно во архивата. За секоја лиценца се поднесува посебно барање, а не е дозволено групирање повеќе лиценци во еден образец.
Според новиот закон, лиценците за пробна работа може да се продолжат исклучиво заради тестирање на техничките перформанси и влијанието врз енергетскиот систем. Законските измени не предвидуваат издавање на привремени лиценци.
Бислимовски појасни и дека, за разлика од претходните години кога РКЕ ги менувала лиценците по службена должност при донесување нов закон, сега поради зголемениот број лиценци, обврската за промена преминува кај носителите.
„Ова нема да значи затворање на некој пазар. Ќе се направи прочистување – тие што се активни и сериозни ќе си ги поднесат барањата. Имаме и случаи каде што компании добиле лиценца, но не биле активни на пазарот, а не известиле дека сакаат да престанат“, додаде Бислимовски.
РКЕ ќе продолжи со редовна контрола на сите лиценцирани компании, со цел да се обезбеди функционален, регулиран и транспарентен енергетски пазар.
Извор: РКЕ