Поминати се времињата кога енергетиката значеше само производител, пренос и потрошувач, порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, на состанокот со менаџментот на ЕВН Македонија.
Според Ристов, денес енергетскиот сектор функционира како динамичен систем во кој сите чинители мора да вложат максимален напор за да се обезбеди стабилна испорака на електрична енергија за граѓаните.
„Ние сме дел од сектор во којшто е неопходен стратешки пристап и клучно е да се делува година дена однапред, затоа што процесите се динамични. Очекувам да продолжите со инвестициите што ќе значат подигнување на квалитетот на услугата за граѓаните. Во претстојниот период ќе имаме многу предизвици за да се подготвиме за поврзување на домашниот со европскиот пазар“, истакна Ристов.
Од РКЕ посочуваат дека фер пристапот кон потрошувачите и поддршката на инвестициите ќе останат основни принципи во соработката со ЕВН Македонија.
Ристов се осврна и на развојот на енергетскиот сектор во изминатите две децении, нагласувајќи дека во периодот откако ЕВН Македонија е присутна на домашниот пазар се реализирани значајни промени, како во техничкиот дел, така и во унапредувањето на услугите.
„Сега сме веќе дојдени во фаза каде што дигитализацијата и вештачката интелигенција ќе нè водат понатаму“, нагласи претседателот на РКЕ.
Енергетика 24
