Ристад Енерџи: Поправките на енергетските објекти на Блискиот Исток објекти ќе чинат милијарди

Штетите врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток предизвикани од воениот конфликт би можеле да достигнат до 58 милијарди долари, објави консултантската компанија „Ристад Енерџи“, наведувајќи дека најголемиот дел од сумата се однесува на нафтени и гасни капацитети.

Според проценките, вкупните трошоци за поправка и обнова на погодените енергетски објекти се движат меѓу 34 и 58 милијарди долари, со просечна вредност од околу 46 милијарди долари. Во таа сума се вклучени и околу 5 милијарди долари за индустриски постројки, електрани и капацитети за десалинизација.

Од компанијата предупредуваат дека конфликтот станува сериозен тест за глобалниот синџир на снабдување во енергетиката, бидејќи обновата бара иста опрема, изведувачи и логистички ресурси кои веќе се ангажирани на големи ЛНГ и офшор проекти започнати од 2023 година.

РЕКЛАМА

„Поправките не создаваат нов капацитет, туку го пренасочуваат постојниот“, изјави Каран Сатвани, висок аналитичар во „Ристад Енерџи“, предупредувајќи дека тоа може да доведе до нови доцнења и инфлаторни притисоци и надвор од регионот.

Новата проценка е значително повисока од првичната прогноза од 25 милијарди долари објавена пред три недели, што укажува на поширок обем на штети по продолжените напади пред примирјето меѓу САД и Иран, објавено на 8 април.

Најголем дел од трошоците се очекува да отпаднат на рафинерии и петрохемиски капацитети, а потоа на транспортната и производствената инфраструктура. Само поправките во нафтениот и гасниот сектор се проценуваат меѓу 30 и 50 милијарди долари.

„Ристад Енерџи“ наведува дека најголем товар ќе поднесат Иран и Катар. Во Иран, каде е регистриран најголем број оштетени објекти, трошоците може да достигнат 19 милијарди долари, додека во Катар штетите се концентрирани во индустрискиот град Рас Лафан, клучен центар за течен природен гас.

Во меѓувреме, извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, изјави дека од почетокот на конфликтот на 28 февруари се оштетени повеќе од 80 енергетски објекти, од кои над една третина претрпеле сериозни или многу сериозни оштетувања.

Според него, враќањето на регионалното снабдување со енергија на нивото пред кризата би можело да потрае и до две години.

Извор: Upstreamonline.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил