Грција: Лигнитната електрана „Птолемаида 5“ може да работи до крајот на 2027 година

Лигнитот останува дел од енергетскиот микс во Грција најмалку до 2027 година, поради зголемените ризици за сигурноста во снабдувањето со електрична енергија, предизвикани од кризата на Блискиот Исток.

Грчкиот оператор на електроенергетскиот систем АДМИЕ побара последната активна лигнитна електрана „Птолемаида 5“ да продолжи со работа најмалку до крајот на 2027 година.

Според информации на весникот „Катимерини“, АДМИЕ непосредно пред Велигден испратил доверливо писмо до Министерството за енергетика, регулаторот РААЕЈ и Јавната електростопанска корпорација (ППЦ), во кое предупредува дека планираното повлекување на блокот во септември годинава носи висок ризик за стабилноста на системот во текот на следната зима.

РЕКЛАМА

Операторот оценува дека „Птолемаида 5“ е неопходна не само поради актуелната енергетска криза и притисокот врз снабдувањето со горива, туку и поради обврските од Националниот енергетски и климатски план. Според планот, централата треба да остане во функција како лигнитен капацитет до 2028 година, а по 2030 година повторно да работи како постројка на природен гас.

АДМИЕ посочува дека до септември нема да бидат изградени доволно складишни капацитети за електрична енергија, што ја доведува во прашање енергетската сигурност во зимскиот период, кога побарувачката расте поради греењето. Дополнително, за интеграција на новите складишни системи е потребен најмалку една година тестирање.

Доколку „Птолемаида 5“ биде исклучена според сегашниот план, Грција би зависела од увоз на електрична енергија за покривање на зимската побарувачка.

Извор: Ekathimerini.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил