Реформите за интеграција на електроенергетските пазари со ЕУ веќе даваат резултати во регионот

Земјите од Југоисточна и Источна Европа кои се стремат кон членство во Европската Унија веќе бележат конкретни придобивки од реформите за интеграција на нивните електроенергетски пазари со европскиот пазар на електрична енергија. Ова го истакнаа министрите за енергетика од регионот во пресрет на годишниот Атински форум за електрична енергија, организиран од Секретаријатот на Енергетската заедница.

Според нив, усогласувањето со европското законодавство не претставува само формална обврска, туку суштинска трансформација што носи поголема транспарентност, стабилност, конкуренција и нови инвестиции во енергетскиот сектор.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија, Сања Божиновска, оцени дека новиот Закон за енергетика, целосно усогласен со европското законодавство, веќе придонесува за подобро функционирање на домашниот пазар на електрична енергија.

РЕКЛАМА

„Овие реформи испраќаат силен сигнал до инвеститорите дека Северна Македонија гради транспарентна, модерна и предвидлива пазарна рамка способна да поддржи инвестиции во складирање енергија, паметни мрежи и решенија за флексибилност“, посочи Божиновска.

Таа како значаен чекор го издвои стартот на интрадеј пазарот преку МЕМО, кој овозможува подобро балансирање на системот, намалување на трошоците за учесниците на пазарот и полесна интеграција на обновливите извори на енергија.

Македонија паралелно ги интензивира подготовките за пазарно спојување со европските пазари на електрична енергија, што се смета за следна клучна фаза во развојот на енергетскиот сектор.

Министерката нагласи дека визијата на државата е создавање конкурентен, отпорен и целосно интегриран електроенергетски пазар кој ќе ја забрза енергетската транзиција и ќе придонесе кон европската енергетска стабилност.

Слични пораки испратија и министрите од другите земји во регионот. Од Србија соопштија дека земјата е прва членка на Енергетската заедница која целосно го транспонирала Пакетот за интеграција на пазарот на електрична енергија, со што ги исполнила условите за приклучување кон внатрешниот пазар на ЕУ.

Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, истакна дека земјата веќе располага со функционална берза за електрична енергија поврзана со Унгарија и Словенија, како и со развиени дневни и интрадеј пазари.

Во меѓувреме, Молдавија оценува дека реформите се клучни за трансформација на нејзиниот енергетски систем од ранлив и изолиран пазар во современ и европски интегриран систем. Министерот за енергетика Дорин Јунгиету нагласи дека новите правила создаваат основа за поголема конкуренција, транспарентно формирање на цените и инвестиции во батериски системи и обновливи извори.

Од Црна Гора, министерот за енергетика и рударство Адмир Шахмановиќ оцени дека усогласувањето со европските правила претставува „историски исчекор“ за земјата и можност таа да стане регионален енергетски центар и мост меѓу Западен Балкан и Европската Унија.

И Косово најавува засилени инвестиции во преносната инфраструктура, батериски системи и обновливи извори со цел поголема интеграција во европскиот енергетски пазар. Министерката за економија Артане Ризваноли истакна дека реформите ќе овозможат подобро балансирање на системот, поголема транспарентност и поефикасно користење на прекуграничните капацитети.

Министрите се согласни дека енергетската транзиција и интеграцијата на пазарите повеќе не се прашање само на европска агенда, туку и на национална енергетска безбедност, економска стабилност и долгорочен развој на регионот.

Извор: Energy-community.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил