Проектот за изградба на гасоводот Јужна интерконекција меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска останува во застој, откако истече законскиот рок за потпишување договор меѓу Владата на Федерацијата БиХ и американската компанија „AAFS Infrastructure & Energy“, а клучна пречка и натаму е нерешеното прашање за државниот имот.
Според Законот за гасоводот Јужна интерконекција БиХ – Република Хрватска, договорот со инвеститорот требаше да биде потпишан во рок од 30 дена од стапувањето на законот во сила. Законот беше усвоен во април годинава, но рокот истече на почетокот на јуни без да биде потпишан договор.
Главниот проблем е нерешениот статус на земјиштето и парцелите низ кои треба да поминува трасата на гасоводот. Федералниот министер за енергија, рударство и индустрија Ведран Лакиќ изјави дека паралелно се изработува физибилити студија и се усогласуваат одредбите од договорот, но дека решавањето на имотно-правните прашања е предуслов за почеток на реализацијата на проектот.
На состанок одржан минатата недела во Парламентот на Федерацијата БиХ бил разгледан предлог за потпишување преддоговор до конечното решавање на имотниот спор. Сепак, според локалните медиуми, од таа можност се откажало откако пратениците побарале да не се потпишува никаков договор пред да биде решено прашањето за државниот имот.
Прашањето за државниот имот е едно од најдолготрајните политички несогласувања во Босна и Херцеговина. Властите во Република Српска сметаат дека имотот им припаѓа на ентитетите, додека во Федерацијата БиХ преовладува ставот дека природните ресурси и државното земјиште се сопственост на државата Босна и Херцеговина.
Дополнителна неизвесност создава и фактот што Босна и Херцеговина сè уште не го ратификувала меѓудржавниот договор со Хрватска за изградба на Јужната интерконекција, кој во мај годинава го потпишаа претседавачката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Со проектот е предвидена изградба на нов гасовод што ќе ја поврзе Босна и Херцеговина со хрватскиот гасен систем преку Загвозд и Посушје, со што би се обезбедил алтернативен правец за снабдување со природен гас и би се намалила зависноста од постојните рути. Планирана е и изградба на повеќе гасни електрани, бидејќи проектираниот капацитет на гасоводот ги надминува сегашните потреби на домашниот пазар.
Извор: Vijesti.ba
